Митрополитот  црногорско приморски Амфилохије утрово почина во Клиничкиот болнички центар на Црна Гора, соопшти Митрополијата. По повеќе од 20 дена откако заболел од Kовид-19, иако ја пребродил болеста, тој починал како последица на оштетувањето на белите дробови.

Митрополитот на СПЦ Амфилохије почина во осум часот и 20 минути, а Митрополијата наведе дека дополнително ќе биде известена јавноста за деталите за погребот.

Како што соопштуваат црногорските медиуми, присуството на коронавирусот кај Амфилохије било детектирано на 6 октомври со потврден позитивен текст. Две седмици подоцна било соопштено дека е во стабилна состојба и вториот тест бил негативен.

Но, според извештаите, здравствената состојба на Митрополитот се влошила вчера. Како што пренесуваат медиумите, медицинските лица од Клиничкиот центар во Подгорица посочиле дека состојбата му се влошила како последица на оштетувањето на белите дробови од коронавирусот.

Од Митрополијата најавија дека наскоро ќе информираат околу деталите за погребот на црногорскиот владика.