Заев и Мицкоски со сочувство за жртвите во Турција

/ 30.10.2020

Зоран Заев вечерва на Твитер изрази сочуство за жртвите од земјотресот што го погоди реонот на турскиот град Измир.

– Вознемирувачки се сликите што пристигнуваат по големиот земјотрес во Измир, Турција. Во име на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија, упатувам најискрено сочувство до фамилиите на жртвите и повредените. Се надеваме на брзо закрепнување од последиците, наведува Заев во објавата напишана на македонски и на турски јазик.

Сочувство изрази и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:

Во име на ВМРО-ДПМНЕ искрено сочувствувам со семејствата на жртвите од земјотресот што се случи во Измир и нашите молитви се за излекување на повредените од природната катастрофа, се вели во неговата порака.

-Денес за жал пријателскиот турски народ и Турција се соочи со сериозна природна непогода. Како жител на Скопје, град кој ја почуствувал жестината на разорниот земјотрес и чии темели се основани на солидарност и хуманост верувам дека и Измир и погодените региони брзо ќе се вратат во нормалните текови и ќе дојде до израз меѓусебната помош, разбирање и хуманост. По овој катастрофален земјотрес убеден сум дека Турција и турскиот народ ќе излезат посилни и пообединети, рече Мицкоски.

Во нашите мисли се сите кои изгубија членови на своите семејства и свои блиски луѓе, додава тој.


Од истата категорија