Се пребројуваат гласовите од претседателските избори во САД. Посебно се важни гласовите во т.н. „колебливи“ држави, каде однапред не се знае победникот, за разлика од традиционално демократските или републиканските сојузни држави.
Според засега преброените гласачки ливчиња, тесна борба се одвива меѓу актуелниот претседател Доналд Трамп и кандидатот на демократите Џо Бајден во клучните држави Флорида, Џорџија, Северна Каролина, Пенсилванија и Тексас.
Според проценките на Њујорк Тајмс, Трамп е во добра позиција да ја освои Флорида, што доколку се оствари ќе има добри шанси за нов мандат во Белата куќа. Но сепак, ќе треба да освои и повеќе клучни држави, каде засега заостанува зад Бајден, кој е во предност во Охајо, Северна Каролина и Пенсилванија.
Во традиционалното упориште на републиканците – Тексас, сега се води неизвесна трка, а Трамп води во Џорџија.
Без големи изнесувања, кандидатите си ги освоија „своите“ држави, па така Бајден победи во Вирџинија, Вермонт, Масечусетс, Мериленд, Илиноис, Њу Џерси, Њујорк, Роуд Ајланд, Дистрикт Вашингтон и Делавер.
Трамп победи во Оклахома, Мисури, Алабама, Тенеси, Индијана, Кентаки, Западна Вирџинија, Арканзас, Јужна Дакота, Вајоминг и Мисисипи.