Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер во Бундестагот ја истакна акутната опасност од терористички напади со исламистичка заднина во Германија, но истовремено ги отфрли избрзаните барања за законски измени по терористичките напади.
– Нивото на опасност од терористички напади во Германија е непроменето високо, рече министерот за внатрешни работи Зехофер за време на седница во Бундестагот посветена на заканите од исламскиот тероризам.
Зехофер укажа на тоа дека само оваа година во Германија се регистрирани три терористички напади со исламистичка заднина, како и дека извршителот на нападот во Виена во понеделникот имал контакти со членови на исламистичката сцена и во Германија.
– Преку случајот во Виена, имаме врски и со потенцијално опасни исламисти во Германија, рече Зехофер, не наведувајќи детали.