Популацијата на Хрватска значително се намалува, има се помалку родени, а повеќе починати, се подоцна се стапува во брак и никогаш немало повеќе отселени од Хрватска, се некои од алармантните податоци, кои во анализа на демографските трендови повторно ги издвои Државниот завод за статистика (ДЗС) по објавувањето на конечните податоци за 2017 година.
Ако се разгледуваат податоците за проценки на населението, евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жители во Хрватска. Во споредба со 2008 година, кога, според проценка на населението на крајот на годината имало 4,3 милиони, во последните десет години, односно до крајот на 2017 година, тој број е намален за дури 204,3 илјади луѓе и изнесува 4,1 милион жители.
Раѓањето на децата отсекогаш се сметало за еден од најсреќните настани. Сепак, статистичките податоци покажуваат дека на тој чекор се одлучуваат се помалку жители. Гледано од 1998 година, се забележува тренд на се помал број новородени, првпат нивниот број падна под 40.000 во 2003 година. Дека секоја година се раѓаат се помалку деца, потврдуваат и последните достапни податоци за 2017 година, кога има 36.600 новородени деца. Ако го гледаме месецот на раѓање, повеќето од нив дојдоа на свет во јули.
Во претходната 2016 година највисока стапка на наталитет (новородени на 1.000 жители) имаше Меѓумурската жупанија (10,8), а најниски имаа Приморско-горанската и Личко-сењската жупанија (7,9).
Жените се подоцна го раѓаат првото дете
Иако овие бројки укажуваат на промени во трендовите, можеби тоа најсликовито го искажуваат податоците за просечната возраст на мајката при првото породување. На тоа може да влијаат различни социо-економски фактори, како што се поголемо учество на жените на пазарот на трудот, зголемување на учеството на жените во високото образование, но, исто така, и се подоцнежно осамостојување на младите, односно напуштање на родителскиот дом.
Додека во 1990 година просечната возраст на мајката на првото породувањето беше 24,3 години, до 2017 година се зголеми за 4,6 години, што значи дека за раѓање прво дете жените сега се одлучуваат на возраст од околу 29 години. Во ЕУ, просечната возраст на мајката при првото породување, исто така, се зголемува, а најновите податоци велат дека тоа се случува на возраст од 30,6 години.
Забележан рекорден број починати
Во набљудуваниот дваесетгодишен период, најголем број починати евидентирани се во 2015 година, а според најновите податоци, во 2017 година починаа 53.477 лица, што е за 3,8 отсто повеќе во однос на претходната година. Најголем број на смртни случаи имало во јануари и воедно тоа беше првпат во последните 20 години бројот на смртни случаи во еден месец да надмине 6.000. Највисока стапка на морталитет (смртни случаи на 1000 жители) во 2016 година имаше Личко-сењската жупанија (17,9), а најниска градот Загреб (10,6).
Она што дава јасна слика за негативните демографски промени се податоците за природниот прираст, што потврдува дека во изминатите 20 години вкупното население во Хрватска се намалува. Негативен природен прираст поголем од 10.000 првпат е забележан во 2002, а токму во 2017 година е забележан најнегативен природен раст во набљудуваниот период.
Подоцна во брачна заедница
Склопувањето брак спаѓа во оние настани во животот на кои се посветува посебно внимание. Во 2017 година, 20.310 двојки се одлучија на тој чин, од кои 51,6 проценти биле верски, а 48,4 проценти беа граѓански. Најпопуларниот месец за засновање брачна заедница во 2017 година беше септември.
Иако негативниот тренд на склучување бракови се промени во последните години, невестата и младоженецот се постари стапуваат во брак. Слично како и раѓањето на првото дете, на одлуката за венчавање веројатно влијаат многу општествени промени. Младите луѓе се подоцна се осамостојуваат, што може да биде поврзано со стапката на невработеност на младите, но исто така и и се поголем број млади луѓе се стекнуваат со високо образование. Исто така, одреден број млади луѓе живеат во вонбрачни заедници.
Традиционално, мажите постари влегуваат во брак од жените. Така, просечната возраст на младоженецот при склучувањето на првиот брак во 2017 година беше 31,3, а на невестата 28,6 години или во споредба со 1990 година просечната возраст на младоженецот е зголемена за 4,3 и 5,3 години за невестата.
Во 2017 година, биле разведени вкупно 6.265 бракови, што претставува намалување од 11 отсто во однос на претходната година. Првпат разведени се повеќе од 5.000 бракови во 2008 година, а само шест години подоцна, односно во 2014 година, првпат официјално завршиле повеќе од 6.000, а две години подоцна повеќе од 7.000 бракови. Просечната должина на разведениот брак изнесувала 14,7 години.
Што се однесува на ЕУ, во 2016 година како земја со најголем број на разводи на 100 бракови се истакнува Португалија (69 разводи), додека најмалку разводи има во Малта (12,2 разводи). Хрватска се наоѓа во средината на оваа скала со 34.4 разводи на 100 бракови.
Расте бројот на отселени
Од осамостојувањето до денес, трендовите и во миграциите се променија. Од 2011 година, кога е сменета методологијата за следење на надворешната миграција забележан е пораст и на отселеното и на доселеното население. Важно е да се нагласи дека истражувањето за надворешната миграција на населението на Хрватска се темели на податоци кои се прибираат во Министерството за внатрешни работи. Од влезот на Хрватска во ЕУ бројката на доселени варира меѓу 10.400 во 2013 и 15.600 во 2017 година.
Но, кога се анализираат податоците за бројот на отселени жители на Република Хрватска, порастот е уште поизразен. Иако бројката се зголеми во периодот од 2011 до 2013 година, зголемен раст е регистриран по членството на Хрватска во ЕУ. На тоа сигурно имало влијание отворените граници, односно принципот на ЕУ за слободно движење на работниците, со што се отвори можноста за вработување во други земји членки на ЕУ. Така, во 2014 година се отселиле 20.900 луѓе, што е за 36,7 отсто повеќе отколку во 2013 година.
Лани 47.000 отселени од Хрватска
Во средината на 2015 година, повеќето земји од ЕУ го укинаа двегодишниот период ограничување за работниците од Хрватска, што се одрази на податоците за исселување, бидејќи во таа година се отселија речиси 10.000 луѓе повеќе. Во 2016 година бројот на отселени, исто така, продолжи да расте, а во 2017 година имаше рекорден број на отселено население на Хрватска, односно 47.400.
Билансот на миграција на хрватското население со странство е негативен во целиот набљудуван период од 2011 година, а во 2017 година изнесуваше 31.799. Во наведениот период, најголем дел од хрватското население се отселило во Германија и така остана и во текот на 2017 година. Во 2016 година, највисока стапка на емиграција (отселени на 1.000 жители) имале Пожешко-славонската жупанија (17.2) и Вуковарско-сремската (16,7), а најмалку Крапинско-загорската жупанија (4,9).