Џо Бајден е избран за 46. американски претседател откако го победи републиканецот Доналд Трамп.

По четири дена напнато пребројување на гласовите, поранешниот потпретседател на Барак Обама го премина „магичниот“ праг од 270 електорски гласови.

На 20 јануари 2021 година, Бајден ќе положи заклетва како 46-ти претседател на САД.

Каде е Доналд Трамп?

Си-Ен-Ен денеска објави дека Трамп пристигнал во неговиот Национален голф-клуб во Стерлинг, Вирџинија.

Претседателот беше фотографиран како ја напушта Белата куќа, а новинарите кои ја следат работата на Белата куќа потврдија дека Трамп денеска е надвор од неа.

Во меѓувреме, новинарите кои патуваат со него и го следат, потврдија дека Трамп е во неговиот клуб и игра голф. Според новинарите кои го следеле, Трамп носел бела маица со натпис „Да ја направиме Америка повторно голема“, како и капа, ветровка, темни панталони и кошула за голф.

Според достапните информации, Трамп се чини дека играл голф во моментите кога е прогласена победата на Бајден.

Околу 21 часот, известувачот на Си-Ен-Ен од Белата куќа изјави дека наскоро се очекува враќање на Трамп во Белата куќа и дека се чека  да се види како претседателот ќе реагира кога ќе ја види насобраната толпа, која го слави поразот пред Белата куќа.