Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа на еден чекор до пласман на Европското првенство. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски вечер во Тбилиси од 18 часот се среќаваат со домашната грузиска селекција во меч кој носи пласман на евро-шампионатот.
Ангеловски за овој дуел, кој може да биде историски за Македонците, не може да смета на Енис Барди кој поради повреда остана во Скопје, како и на Кире Ристевски и Крсте Велкоски кои беа позитивни на тестовите за коронавирус.
Сепак, во националниот тим владее оптимизам дека за прв пат во историјата на македонскиот фудбал, може да се избори учество на собир на најдобрите континентални репрезентации.
Овој меч, воедно е последна шанса за најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев да игра на евро-шампионат.