Од овој месец во соборната црква „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово има нова крстилница, односно пренаменета просторија за извршување на чинот на крштевање. Станува збор за објект веднаш до седиштето на тетовско-гостиварската епархија и резиденцијата на митрополитот г. Јосиф.
Во текот на изминатиот период објектот е реновиран и преграден, поставена изолација, адаптиран за крстилница, а внатрешноста е уредена и насликана соодветно правилата на православната црква.
-На овој начин за верниците, семејствата кои имаат крштевка како и за нивните роднини и пријатели се овозможува полесен пристап до крстилницата. Воедно преадаптираната просторија претставува посоодветно место кое ќе служи исклучиво како крстилница, има сопствен влез и инфраструктура и се што е потребно за оваа намена, информираат од црквата.
Објектот во кој беше крстилницата до 2014 година беше пренаменет за таму да биде седиштето на епархијата. Потоа за крстилница беше користен дел од галеријата во црквата Свети Кирил и Методиј.