За да создадеме граѓани кои самостојно ќе носат одлуки врз основа на анализа и факти и ќе бидат движечка сила на нашето општество, потребно е целосно да го реформираме образовниот систем кој со години бил запоставуван и носен во погрешна насока, порача денеска министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусијата „Едукација од која произлегуваат граѓани“.
Панелот го организираше Унијата на средношколци, а се одржа по повод неделата на Унијата и Светскиот ден на ученикот.
-На реформите веќе работи група во која освен БРО и МОН се вклучени експерти, професори, наставници, претставници од граѓански организации и тие го осмислуваат новиот концепт. Реформираниот начин на образование очекувам да го стартуваме од идната учебна година во основното образование. Овој концепт ќе биде прилагоден на современите светски трендови. Забрзано работиме на дигитализацијата. Короната само ги забрза овие процеси кои се неминовни и од кои неможеме да избегаме, туку напротив ќе продолжиме да ги користиме и во времето после пандемијата како поддршка во наставата, рече Царовска.
Министерката објасни дека освен на осовременување се работи и на една друга димензија, а тоа е искоренување на стереотипите во наставните материјали нешто што со години се провлекува во учебниците.
-Толеранција и концептот за едно општество се учи од најмала возраст, токму затоа концепцијата за ова и за новата наставна програма за основно образование ќе ги адресира и овие прашања, многу јасно и недвосмислено, заради тоа што почитувањето, треба да го научат учениците и во училиште. На овој начин создаваме идни генерации коишто ќе се почитуваат и ќе ги надминуваат разликите, рече Царовска.
Како долгогодишна активистка за јакнење на родовата еднаквост, Царовска истакна дека силно ќе се залага на раководни позиции во образованието да има што повеќе жени.
-Се уште силно и посветено треба да работаме на родовата еднаквост и застапеноста на жените на сите одлучувачки места, но и на промена на наставните содржини и создавање нови во кои ќе се промовира родовата еднаквост, истакна Царовска.
Министерката рече дека младите се многу важен партнер на Mинистерството во креирањето на сите политики поврзани со нив. За таа цел е формирана работната група МЛАДИ- МОН.
-Целта на оваа работна група е да ги вклучиме младите во сите активности поврзани со креирањето на младинските политики. Младите ни се важен партнер во носењето на сите клучни одлuки кои се поврзани со нив, образованието, ученичкиот и младинскиот стандард. Со слушањето на мислењата на младите и иницијативите кои ќе произлезат од нив, верувам дека заеднички ќе направиме многу за подобрување на условите за живот и образование на младите во Северна Македонија, рече Царовска.
На панел дискусијата учествуваа амбасадорот на делегацијата на ЕУ – Дејвид Гир, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани и претседателот на Унијата на средношколци.