Блокирањето на која било земја кандидат за во ЕУ не се прави врз основа на историјата и идентитетот, туку врз основа на достигнувањата, како што е примената на европкското законодавство и достигнувањето на европските стандарди. Бугарија ја внесува историјата во процесот на проширување, што би го направило практично невозможно или многу тешко за останатите балкански земји да напредуваат.
Ова го изјави Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) и директор на софиската канцеларија на организацијата во интервју за бугарски „Капитал“.
-Постојат најмалку 11 билатерални спорови на Балканот. Ќе биде опасно, ако секој може секого да го блокира. Се разбира, земјите-членки можат да имаат тврдења за тоа како една земја го применува европското законодавство, како се прилагодува на европските стандарди и ова е основа за соодветно прекинување на преговорите или враќање кон одредено поглавјеа. Поентата е дека тоа не се прави врз основа на историјата и идентитетот, вели Чернева.
Посочува дека во Европската Унија постои договор дека овие земји-членки се собрале во заедница затоа што сакаат заедничка иднина, а не затоа што сакаат да ги решат своите историски проблеми. И ова, вели Чернева, се постигнува преку економска кохезија, трговија и модерна дипломатија.
-Бугарија си создаде слика со која се претвора од пасивно-конструктивна во пасивно-агресивна земја и всушност многу луѓе не сфаќаат дека оваа штета е многу тешко да се поправи. Штетите можат да се направат за неколку недели, но потребни се години работа за истите да бидат отстранети, истакнува Чернева.
Во однос на приоритетот на германското претседателство Македонија да ги почне преговорите до крајот на годината, Чернева вели дека Германија во моментов има уште неколку огромни приоритети.
-Несомнено, ова е економско закрепнување од кризата со Ковид-19, буџетската рамка за следните седум години, Брегзит, ЕУ-Кина. Сите овие се широки теми за кои нема консензус во Европската Унија. Отворањето на преговорите со С. Македонија и Албанија беше на агендата токму за да се сигнализира дека проширувањето не е завршено, но ќе продолжи. И ова беше придонес на Германија во процесот на проширување, кој има многу противници во ЕУ, оценува Чернева.
Според неа, се уште не е завршено, бидејќи има време до крајот на годината.
-Рокот што беше даден вчера беше малку вештачки. До крајот на годината може да има уште еден обид, но искрено кажано шансите не се многу оптимистички. Не можам да замислам Португалија да се занимава со проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Можеби Словенија, за која тоа веројатно ќе биде уште потешко, оценува Чернева.
Вели дека односот кон Бугарија во регионот е променет.
– Од моите разговори на разни форуми со колеги од регионот во последните две недели можам да кажам дека од Загреб до Тирана односот кон Бугарија е многу негативен. Овој капитал, што беше акумулиран за време на претседателството, кога нашите соседи видоа дека Бугарија навистина сака да работи за европската перспектива на регионот, сега со сигурност е ликвидиран, вели таа.
Според неа, за целиот регион ова е чекор назад, а Македонија имаше најголеми причини да очекува поттик од Унијата, особено што Заев го доби вториот мандат токму со ветување за поголема и побрза европска интеграција. Тој го деблокира европскиот пат на Македонија.
– Алтернативата таму е враќање на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кое секако ќе оди по поинаков тек – во интерес на Русија и на ретроградните сили во регионот, оценува Чернева.
Истакнува дека мора да се стави до знаење дека политичката цена што Бугарија ќе ја плати ќе биде многу поголема од придобивките за која било надворешна сила.
-Во оваа фаза, не гледам дека стекнавме некаков бенефит од надворешната политика. Единствено што гледам е дека истуривме изборна поддршка за Красимир Каракачанов. Не знам зошто ова треба да биде приоритет на бугарската надворешна политика. Секој има внатрешна политика и нашите партнери го гледаат домашниот политички случај, но сепак раководството е ова: да бидете во таква позиција да одлучите кој е вашиот приоритет на крајот и до кој степен ќе ги ставите интересите на мала националистичка партија во спротивност со големиот европски интерес, подвлече Чернева.
Посочува дека ако Владата почнела сериозна дипломатска или каква било друга – економска, културна, образовна работа со Македонците во последната година и половина, ова немало да се случи, а со тоа и влијанието на Каракачанов врз ова прашање немало да биде толку големо.