Зоран Заев повеќе сакал да се види со премиерот на Владата на нашиот источен сосед, наместо лидерска средба и сите заедно да постигнеме национален и државен консензус со заштитени национални и државни интереси, а потоа да настапиме со аргументи во разговорите за клучните прашања со соседна Бугарија, објави денеска на Фејсбук, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Можам да го разберам Зоран Заев зошто бега од лидерска средба. Тој е политичар со концесии, а јас концесии немам. Зоран Заев има ветувања кон високи политички кругови во соседна Бугарија. Тој е човек кој би тргувал со сѐ, а јас по ниту една цена нема да се сложам на асимилација на македонскиот народ, наведува Мисцкоски во објавата.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев не сака лидерска средба поради неговиот „јасен и прецизен став“ што го изнел пред Владата за неменување на Уставот, за посебноста на јазикот, идентитетот и правата на македонското малцинство.

– Заев не го слушнавме тоа да го направи. И конечно, проектот СДСМ и Зоран Заев заврши!, додава Мицкоски.

Тој во објавата се осврнува и на претстојните избори за градоначалници на Штип и Пласница, потенцирајќи дека власта ги распишала изборите во време кога „имаме 30 до 40 починати дневно од Корона“.

– Истата таа власт самата, како во Северна Кореја, ќе си гласа градоначалници. Нека им е со среќа, но ниту еден загубен човечки живот не е помалку вреден од политичката кариера на Зоран Заев, вели Мицкоски во објавата на Фејсбук.