Премиерот, Зоран Заев, денеска имаше средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнз, на која се разговараше за актуелните процеси поврзани со евроинтеграциите за земјава, за стратешката соработка меѓу Република  Македонија и САД и за предизвиците во справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

– На средбата заеднички беше констатирано дека двете држави посакуваат преговорите на Македонија со Европската Унија да започнат до крајот на годинава, како влог во стабилност на регионот и како важен процес за обезбедувањето просперитет за граѓаните. Според Заев и Брнз, решавањето на билатералните прашања треба да остане надвор од преговарачката рамка меѓу Македонија и ЕУ, а секое противење или оневозможување на овој процес е на директна штета на кохезијата на трансатлантското семејство на народи и спротивно на интересите за стабилност и демократија во регионот – соопштија од Владата.

Амбасадорката на САД ги поздравила постапките на Владата за, како што пишува во соопштението, сузбивање на потпалувачкиот говор во јавноста и дала поддршка на напорите да се одржи конструктивниот и отворен дијалог по однос на овие прашања.

Како што соопштија од Владата, Заев се придружил кон овие ставови и изразил надеж дека примерот на Владата во промоцијата на дијалогот како алатка за решенија ќе го следат сите чинители од земјата и регионот.

– Премиерот Заев изрази благодарност за стратешката и сојузничка поддршка која Македонија ја добива од САД и заедно со амбасадорката Брнз ги потврдија заложбите за постојана и суштинска соработка во справувањето со коронавирусот, како и за уште поголеми директни инвестиции од САД во развојот енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО – се наведува во соопштението.