Бугарскиот Парламент синоќа го отфрли контроверзниот план на премиерот Бојко Борисов за промена на Уставот, што тој го достави во август во обид да ја ублажи политичката криза во земјата.
Предлогот за промена на Уставот доби само 110 гласа „за“, додека на парламентарното мнозинството му беа потребни гласовите на 160 од вкупно 240 пратеници во парламентот.
Овој предлог неодамна доби критика и од Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања која соопшти дека жали што не е спроведена соодветна јавна дебата за иницирање на уставни реформи
Конзервативната Влада ја покрена иницијативата во обид да го ослабне протестното движење, кое остро ги осудува наводните врски на владата со олигархијата.
Оваа одлука, меѓутоа, што се смета за маневар за купување време и останување на власт до следните парламентарни избори закажани за март 2021 година, предизвика бурна реакција од протестното движење.