Договорениот рок за постигнување договор меѓу ЕУ и Велика Британија за идните односи истекува денеска, а за попладнево е закажан нов телефонски разговор меѓу претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајан и премиерот на Велика Британија Борис Џонсон.
Недела, како „краен рок“ беше договорена минатата недела за време на посетата на Борис Џонсон на Брисел и средбата со Урсула фон дер Лајен.
На состанокот беше констатирано дека двете страни стекнале „јасно разбирање за нивните меѓусебни позиции“, но дека ситуацијата во врска со постигнувањето договор „останува тешка“ и дека „основните пречки не се надминати“.
Во меѓувреме, разговорите меѓу главните преговарачи во Брисел и Лондон, Мишел Барние и Дејвид Фрост, продолжија за „суштинските прашања“ како што се еднакви права на пазарот, управување и риболов.
Иако двете страни постигнаа „принципиелен договор“ во текот на седмицата за спроведување на претходно договоренената Спогодба за раздружување, која вклучува договор за функционирање на границата меѓу Ирска и Северна Ирска, Европската комисија во четвртокот објави план со вонредни мерки кој ќе стапи во сила доколку не се постигне сеопфатен договор за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија до крајот на преодниот рок, на 31 декември 2020 година.