Американскиот милијардер Рајан Смит доби одобрение од раководството на НБА лигата да стане нов сопственик на екипата на Јута џез.
Зделката ќе биде официјализирана наскоро, а семејството Милер во чија сопственост изминатите 35 години е Јута џез, ќе задржи малцински удел во тимот.
Смит, кој е косопственик и извршен директор на ИТ компанијата „Qualtrics“ со седиште во Солт Лејк Сити, ќе издвои 1.66 милијарди долари, а во негова сопственост ќе премине и салата „Vivint Arenа“, како и безбол тимот на Јута.
Јута џез дебитираше во НБА лигата во 1974 под името Њу Орлеанс џез, пред да се пресели во Солт Лејк Сити пет години подоцна. Најголемите успеси на Јута џез, досега, се двете конференциски титули во 1997 и 1998 година.