Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, денеска изјави дека новиот вид на коронавирус е „надвор од контрола“, со што го оправда затворањето на Лондон и на дел од јужна Англија, што може да потрае се додека не се вакцинира населението.

-За жал, новиот вид е надвор од контрола. Треба повторно да ја воспоставиме контролата, а тоа е можно само со ограничување на социјалните контакти, изјави Мет Хенкок за „Скај Њуз“.

„Ќе биде многу тешко вирусот да се држи под контрола се додека населението не се вакцинира“, додаде тој.

Конзервативната влада на Борис Џонсон вчера прогласи карантин за Лондон и за југоисточниот и источниот дел на Англија, принудувајќи повеќе од 16 милиони жители да бидат дома и да се откажат од дружења за Божиќ.

Затворени се сите продавници што не продаваат храна и основни продукти и забрането е патувањето надвор од овие зони за кои е прогласен најголем степен на узбуна, било во другите делови на Велика Британија или во странство. Баровите, рестораните и музеите се затворени од средата.

-Ова е голем предизвик се додека населението не се вакцинира. Во следните неколку месеци ние ќе се бориме против овој предизвик, предупреди Ханкок.

Велика Британија ја извести Светската здравствена организација (СЗО) дека новиот вид на коронавирус се шири побрзо, дури и „до 70 проценти“, рече премиерот Борис Џонсон.

Низ светот претходно веќе се откриени и пријавени мутации на вирусот САРС-КоВ-2.

Владиниот научен советник, Патрик Валенс, вчера изјави дека новиот вид на коронавирус, освен што се шири побрзо, станува и „доминантна“ форма што доведе до „нагло зголемување“ на хоспитализациите во декември.