Понудата за донација на вакцини против ковид-19 од Бугарија е чин на пријателство, рече премиерот Зоран Заев во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

– Вакцините коишто ќе ги добиеме, без разлика дали преку Ковакс системот, од Грција или од Бугарија, најверојатно ќе пристигнат во март следната година. За вакцините имаме издвоено пари и ќе си ги платиме. Само ако некој рече дека е донација, тогаш нема да ги платиме. Инаку, без разлика дали како чин на пријателство некој ќе ни достави од нивните вакцини, ние ќе си ги платиме. Ние сме држава, луѓето плаќаат даноци и пари имаме обезбедено – рече Заев.

Тој исто така најави дека руската вакцина „Спутник“ би можела да стигне во земјава пред „Модерна“ или „Фајзер“.

Но, додека Заев тврди дека руската вакциа може да пристигне порано, во Дневникот на Сител, економскиот советник во амбасадата на Русија изјави дека Македонија не испратила одговор на добиената понуда од Руската Федерација за набaвка на вакцината Спутник V.

Уште на почетокот на есента и понудивме на македонската Влада да се воспостави контакт со Рускиот фонд за директни инвестиции и да се преговара за можноста за набавка на руска вакцина. Министерот за здравство, Венко Филипче, не информираше дека лице за контакт за ова прашање ќе биде професорката Александра Грозданова, шеф на Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство.На професорката Грозданова и беа дадени сите потребни податоци за контакт, исто така и беше испратено писмо од претставникот на Рускиот фонд за директни инвестиции, кое, за жал, остана без одговор, рече Владимир Хрисанфов, економски советник во амбасадата на Руската Федерација во дневникот на Сител.
Запрашан за тоа кои земји ја нарачале досега, Хрисанфонфов вели:

Повеќе од 50 земји испратија барања за набавка на над 1,2 милијарди дози Спутник V. Меѓу нив е Аргентина, каде вчера стигна првата и многу голема испорака на вакцината, а вакцинирањето ќе почне пред 31 декември. Исто така вакцината ја набавија Босна и Херцеговина, Бразил, Унгарија, Венецуела, Египет, Индија, Индонезија, Република Кореја, Мексико, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Филипини. Вакцината за набавка на странски пазари ќе се произведува кај меѓународни партнери на Рускиот фонд за директни инвестиции во Индија, Бразил, Кина, Република Кореја и други земји.