Русија стави на „црната листа“ високорангирани германски службеници од специјални служби на кои ќе им биде забранет влез во земјата, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Според Министерството, Германија долго време инсистирала на тоа дека има „руска трага“ во кибер нападите против германскиот Парламент во 2015 година, а тоа е направено за да се создаде изговор за воведување на нов пакет еднострани санкции против Русија преку ЕУ.
Покрај тоа, германските власти ги игнорираа предлозите на Москва да одржат билатерални експертски разговори, додаде руското Министерство за надворешни работи.
„Како одговор на споменатите деструктивни активности на Европската унија, Москва одлучи да го прошири списокот со германски граѓани на кои им е забранет влез во Русија. Според дипломатскиот принцип на реципроцитет, високи претставници на германските безбедносни и разузнавачки агенции кои се дел од системот германското Министерство за одбрана се ставени на списокот со санкции на Русија “, соопшти Министерството.
Руското МНР додаде дека Москва го задржува правото на „употреба на реципрочни мерки“ во иднина доколку Германија ги продолжи конфронтациите.