Јас сум мртов човек веќе шест месеци, вели 79-годишниот Ѓорѓе Милошевиќ од Нови Сад, кој бил „прогласен за мртов“ на 19 јануари годинава. Тој дознал дека е мртов, како што вели, кога отишол во полиција да го регистрира својот автомобил.
– Матичниот број не се совпаѓаше во полиција кога сакав да ја регстрирам колата, раскажува Милошевиќ, прашувајќи се како сето тоа можело да се случи.
Како што објавува Политика, кога на 26 јули ангажирал агенција за регистрација за да му ја заврши работата, дознал дека агенцијата тоа не може да го стори, бидејќи во полиција и рекле дека Милошевиќ е покоен. Во матичната служба, раскажува Милошевиќ, во разговор со службениците, дознал дека по грешка е запишан во книгатана мртви врз основа на потврда за смрт од Клиничкиот центар во Војводина.
– Така што јас од јануари сум официјално мртов, а дури во јули тоа го дознав, раскажува вознемирениот Милошевиќ.
Не може, додава тој, ни лекови да земе кај лекарот, и поради сето тоа е под стрес и му е нарушено здравјето. Вели дека си го зел и изводот од матичната книга на умрени и дека во изводот комплетно сите податоци се негови.
Клиничкиот центар Војводина во соопштението објаснува дека во јануари 2018 година кај нив бил хоспитализиран пациент со ист пол, име и презиме – Ѓорѓе Милошевиќ, но немал документи врз основа на кои би можело да се утврди неговиот идентитет.
Податоците кои пациентот им ги дал во Клиничкиот центар ги сметале за валидни и така ги внеле во документацијата на пациентот, се наведува во нивното соопштение. Во меѓувреме, велат, ги презеле сите мерки да го испитаат случајот, спровеле стручен надзор, а Милошевиќ го поканиле на разговор за да му се извинат.
Милошевиќ за Танјуг вели дека сега, покрај здравствени проблеми доживува и непријатности, така што сограѓаните на шега го викале покојник.
– Сите се чудат, се крстат, вели тој и додава дека случајот го предал во рацете на адвокат, бидејќи изгубил трпение, а и здравјето му се нарушило.