Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, синоќа ги повика Американците да се воздржат од јавни собирања и да не доаѓаат на инаугурацијата на избраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари. Управата на градот сака да спречи повторување на насилството по немирите на 6 јануари 2020 година.
Во Вашингтон се засилуваат мерките за безбедност со блокирање на пристапите до улиците околу Капитолот. Исто така, паркинг местата и гаражите во близина на зконодавниот дом на САД од петок ќе бидат затворени и блокирани. Многу хотели во градот решија идната недела да не примаат гости, а излозите во центарот се покриваат со панели за да се заштитат бизнисите.
-Ги замолуваме Американците да не доаѓаат во Вашингтон, туку да учествуваат виртуелно, изјави Баузер. Таа ги спореди овие мерки со плановите на Њујорк за дочекот на Новата година, кога улиците на Тајмс сквер, обично преполни со народ за Нова година, беа празни.
Активностите околу инаугурацијата требаше да бидат преполовени поради пандемијата, но со зголемената загриженост за безбедноста по насилните протест на 6 јануари, ситуацијата сега е многу посериозна – сојузните служби за безбедност предупредуваат за групи кои најверојатно планираат дополнително насилство во деновите пред инаугурацијата.
Во градот од вчера почнаа да се распоредуваат илјадници војници од Националната гарда за заштита на поредокот, вооружени со полуавтоматско оружје. Досега се дојдени 2.000, но до денот на инаугурацијата предвидено е да се распоредат до 20.000 војници, или речиси четирипати повеќе од вкупниот број на американски трупи во Авганистан и Ирак.
Некои набљудувачи стационирањето на војниците по улиците на Вашингтон го споредуваат со сликите на завојуваната престолнина од времето на Граѓанската војна.
Роберт Конти, вршител на должност шеф на полицијата на Вашингон, синоќа за „Си-Би-Ес њуз“ изјави дека во својата 30 годишна кариера досега не видел настан со толку многу обезбедување и војници во градот.
-Ова е огромна закана за безбедноста, и ние работиме на тоа да ги спречиме тие закани, изјави Конти.
Од Федералнато биро за истраги претходно предупредија за можни вооружени пресметки во Вашинтгон и во главните градови на сите 50 сојузни држави во пресрет на инауурацијата.