Како држава не ни пречи што некој сака да го гради својот идентитет, изјави вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, во интервју за националната бугарска ТВ БТВ.
Тој во емисијата Лице в лице зборуваше за претстојните парламентарни избори во земјата кои треба да се одржат во април, но и за актуелните односи меѓу Македонија и Бугарија.
Владиниот пратеник од Скопје беше тука. Тој оствари средби со министерот за надворешни работи, со мене и со други колеги. Разговараме со господинот Бучковски многу искрено, колегијално и пријателски. Рековме дека не треба да престануваме да зборуваме. Го кажав моето мислење, кое го има и бугарската влада, како бугарското општество, воопшто. Ние сакаме да и дадеме шанса на Република Македонија и и даваме шанса, но исто така сакаме да бидеме разбрани. Како држава не ни пречи што некој сака да го гради својот идентитет. Но, не можеме да се согласиме со изградба на идентитет во странска земја на сметка на кражба на бугарската историја и идентитет. Кражба и негирање на бугарската историја! Не можеме да се согласиме на тоа врз основа на омраза кон Бугарите. Омраза не само за Бугарите во Бугарија, туку и за Бугарите во Македонија. Му дадов пример на полициско самоволие во последните два месеци. Луѓето кои тврдат дека се Бугари биле запрени и казнети со нагласување: „Па, така ќе биде од сега со вас Бугарите во Македонија“. Со таков став кон Бугарија во Македонија, не можеме да бидеме рамнодушни, рече Каракачанов во интервјуто на БТВ.