САД се во состојба на зголемена готовност во последните денови од претседателствувањето на Доналд Трамп, со предупредувања за можни насилни протести, додека контролите на аеродромите се зајакнати.
Вашингтон изгледа како воена зона со илјадници војници и воени возила ангажирани да обезбедат безбедна инаугурација на новиот претседател Џозеф Бајден и мирен трансфер на власта.
Стравувајќи од повторување на насилството пред зградата на Капитол на 6 јануари, илјадници војници на Националната гарда беа испратени викендов во Вашингтон за инаугурацијата на Бајден, пишува „Фајненшл тајмс“, нагласувајќи дека со огромно воено присуство, американскиот главен град изгледа како воена зона.
Пентагон одобри распоредување на 25.000 војници на Националната гарда за инаугурацијата, мерките за безбедност се засилени на аеродромите, а околу Капитол е подигната голема ограда од бетон и метал. Голем дел од Вашингтон беше затворен претходните денови, додека градоначалничката Муриел Баузер ја продолжи вонредната состојба до 21 јануари, ден по инаугурацијата.
Безбедносните подготовки – поинтензивни отколку за секоја поголема церемонија во историјата – ја засилија надреалната димензија на животот во градот, иако обемот на церемонијата на инаугурацијата беше драстично намален во минатото поради пандемијата, наведува Фајненшл тајмс.
Откако ФБИ предупреди дека насилните протести на приврзаниците на Трамп може да се случат во сите 50 главни градови низ САД во наредните денови, властите низ целата земја преземаат мерки на претпазливост и се во состојба на готовност, посочува Би-Би-Си.
Гувернерите на Мериленд, Ново Мексико и Јута прогласија вонредна состојба пред можни протести, додека Калифорнија, Пенсилванија, Мичиген, Вирџинија, Вашингтон и Висконсин ја активираа својата Национална гарда а Тексас го затвори својот главен град до денот на инаугурацијата.
Аналитичарите сметаат дека државите со најгоелми несогласувања околу изборната трка се изложени на најголем ризик од насилство.
Американските власти проверуваат стотици патници во авионите и ја зајакнуваат безбедноста на аеродромите, додека федералните агенции испраќаат нови предупредувања за можно насилство од екстремисти зајакнати со нападот врз Капитол, пишува Њујорк Тајмс.
Претставници на Националната гарда изјавија дека ќе им требаат најмалку 25.000 војници во Вашингтон.
Тој број, посочува весникот, е околу трипати поголем од вкупниот број на американски војници распоредени во Ирак, Авганистан, Сомалија и Сирија и може да биде дополнително зголемен.
Федералните власти сметаат дека безбедносниот обем е неопходен за да се спречи напад од внатрешни екстремисти, кои според заедничката проценка на ФБИ и Одделот за домашна безбедност „претставуваат најверојатна закана“ за инаугурацијата.
Тринаесет метро станици и неколку автобуски линии во близина на Белата куќа исто така ќе бидат затворени, а впзила на Итната помош ќе бидат лоцирани во центарот на градот.
Воени возила и војници на улиците, посочува Њујорк Тајмс, предизвикале слики од Вашингтон од времето на Граѓанската војна.
Огромното присуство на вооружени сили во Вашингтон и другите градови низ САД го нагласува стравот од безбедносните служби од масовен бунт, проценува лондонски Тајмс, додавајќи дека тензичната подготовка за инаугурацијата доаѓа во време на нови откритија за обемот на нарушувањата на безбедноста за време на неодамнешните напади врз Капитол.
Американската полиција и војската не сакаат да ја повторат грешката од 6 јануари, објави Тајмс, додавајќи дека федералните обвинители кон крајот на минатата недела тврдат дека имаат „силни докази“ дека демонстрантите кои упаднале во Капитол имале намера да фатат и убијат одредени функционери, вклучувајќи го и потпретседателот Пенс.
Подоцна, според весникот, тие ги повлекле обвиненијата, нагласувајќи дека истрагата е се уште во рана фаза. Американски медиуми јавија дека повеќе од десетина службеници за спроведување на законот, сегашни и поранешни воени службеници учествувале во упадот на Капитол, додава лондонскиот весник.
Дури и ако оваа недела се одвива непречено, заклучува Тајмс, Америка „со години ќе наоѓа коски од тоа катастрофално поглавје“.