Ова е сериозен чин на пријателство, се јави претседателот на Србија и кажа дека сака да ни донира вакцини, изјави денеска премиерот Зоран Заев пред судот во Скопје, каде се појави како тужител на новинар.
Заев најави дека Македонија ќе добие 8.000 дози од вакцината против Ковид-19 од Србија. Заев рече дека му се јавил српскиот претседател Александар Вучиќ и му понудил помош.
– Ова е сериозен чин на пријателство. Претседателот Вучиќ се јави и кажа дека сакаат да ни донираат вакцини. Ние сме благодарни за тоа, но ние како земја имаме пари, ќе си платиме, по што тој кажа дека ќе ни ги даде по набавна цена. Следуваат деталите меѓу министрите за здравство, а јас денеска ќе имам уште еден разговор со премиерката Ана Брнабиќ за деталите, транспортот, регистрацијата, знаете дека сè уште протоколите се носат од соодветните наши агенции за лекови. Тоа веќе го работи министерот за здравство. Првите вакцини се онака како што личи за нашите херои, здравствените работници од ковид-центрите, изјави Заев пред Граѓанскиот суд во Скопје, по рочиштето на кое го тужи за клевета новинарот Зоран Божиновски.
Вакцинацијата во Србија почнауште минатиот месец со вакцини кои ги доби од повеќе производители. А премиерот Заев и досега најавуваше дека Македонија ќе добие вакцини од Грција, Бугарија и други земји.