Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници на МОН и Бирото за развој на образование неделава ги интензивираат дебатите за нацрт-концепцијата за основно образование.

Во текот на оваа недела секој ден се организираат средби и дебати со различни групи, а целта е преку широк консултативен процес да се донесе образовна реформа во најдобар интерес на децата, соопшти Министерство за образование и наука.

Како што информира МОН, Царовска в среда ќе присуствува на средба со директорите на училиштата, в четврток со наставници, а в петок со членови на МАНУ.

Јавната дебата за новата концепција почна во средината на декември и ќе продолжи во наредниот период. Од досегашните дебати, како што информира Министетството, произлегле низа конструктивни и корисни предлози и коментари и досега активно се вклучиле претставници од сите релевантни институции, универзитетски професори, над 4000 наставници, но и ученици и родители.

– Во дебатата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК, меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, Британска и Швајцарска амбасада и Делегацијата на ЕУ и ЗЕЛС. Сите изразија поддршка, затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование. Одржани се и онлајн-конференции со професори, наставници, претставници на ликовната, музичката и драмската дејност. Реализирани се средби и дебати со студентското собрание и професори на ПМФ, наведува МОН во соопштението.

МОН потсетува дека до среда, 20 јануари, секој има можност по електронска пошта да достави забелешки, коментари и предлози за концепцијата којашто е објавена на веб- страницата на МОН.

– Досега се пристигнати значителен број на конструктивни предлози и коментари кои ќе бидат земени предвид. Новата концепција е дел од Стратегијата на МОН за 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред една година и е дел од владината програма, додава МОН.