Министерката за образование и наука Мила Царовска во синоќешната дебатата на ТВ Клан рече дека за реформите во образованието постои силна поддршка и од меѓунароната заедница и оти досега, за изработка на Концепцијата за основното образование, не е платен ниту денар од буџетот.
-Сите можат да проверат, ние сме транспарентни како министерство, јас како министерка немам проблем со споделување на таков тип на информации. До денеска, од буџетот не е истрошен, посебно за пишување на оваа Концепција, ниту еден денар, заради тоа што имаме меѓународни партнери коишто навистина се грижат да нашата држава успее. Дури, мислам, се грижат повеќе од самите нас. Тие ја финансираат работната група, нагласи Царовска.
Како што соопшти Министерството за образование и наука, превидени се буџетски пари за подготовка на наставните програми, но министерката посочи дека во национален контекст, тоа се ситни финансиски средства.
„-Најмногу ќе се вложи во опремување на кабинетите коишто се трајно добро коешто ќе остане во образовниот систем, и секако во инфраструктура. Вкупно, буџетот на МОН е за една милијарда денари поголем од претходната година, но тука се и менторските додатоци на наставниците и прекувремените работни часови, опремувањето на училиштата, инфраструктурното подобрување на училиштата и обуките. Но, секако, за да овој концепт успее, сите меѓународни партнери на нашата држава стојат на располагање да и финансиски ги поддржат и обуките и инфраструктурата и се она што е потребно во наредниот период за да имаме квалитетно, современо образование, рече Царовска.
Министерката ја потврди одличната соработка со министерот за финансии и со премиерот. -Тие и тоа како разбираат дека вложувањето во образованието е вложување во иднината, вложувањето во децата е вложување во државата. И тоа се расходи кои неколкукратно ќе ни се вратат за 10 до 20 години, кога веќе овој потенцијал што го креираме кај децата, ќе ни се врати неколкукратно повеќе, рече Царовска.