Американскиот Сенат го потврди денеска со мнозинство гласови именувањето на поранешниот генерал Лојд Остин за министер за одбрана на САД, со што ќе стане првиот Афроамериканец кој ќе го предводи Пентагон.

Остин (67) е втор член во администрацијата на новиот претседател на САД, Џо Бајден, чија номинација е одобрена во Конгресот, по потврдата на именувањето на директорката на Разузнавачките служби Еврил Хејнс.

Номинацијата на Остин е потврдена со 93 гласа „за“ и два „против“ во сенатот, кој има 100 членови.

Се очекува во следните денови да бидат одобрени и другите именувања на Бајден во неговиот тим за национална безбедност, вклучувајќи го и Ентони Блинкен за државен секретар на САД.

Бајден очекува од Остин да ја врати стабилноста на чело на Пентагон, каде за време на мандатот на администрацијата на Доналд Трамп беа сменети двајца министри, а четворица биле вршители на должност.