Поранешниот претседател на Бугарија Георги Прванов, кој е и историчар и основач на партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ), во интервју за „24 часа“ изјави дека смета оти концептот „заедничка историја“ од Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија три години нема мрднато од мртва точка.
– Во мојата книга има големо поглавје за македонското прашање и мојот заклучок е дека во 2019 година, кога уште еднаш се сретнаа Борисов и Заев, е дека беше задушено Илинденско-преображенското востание по втор пат, и побрутално. Во фигуративна смисла, се разбира.
Според него, ништо реално не се случило по договорот и оти требало да има работа и резултати во две насоки.
-Прво, дефиниција за поимот „заедничка историја“. За мене, тоа значи запишување кратко и јасно дека населението на денешна С. Македонија, на Вардарска Македонија со векови до првите децении на дваесеттиот век постоел бугарски национален идентитет. А револуционерната организација во овој период имала бугарски национални цели и задачи. За периодот потоа не се расправаме, го признаваме правото на различност на нашите браќа од Скопје, рече Прванов.
Оценува дека тоа оди рака под рака со нешто друго кажано од Борисов и Заев уште во 2017 година и премногу брзо беше заборавено, како што вели, „дека сме најблиски народи на Балканот. Но како резултат на настаните во последните три години сега сме најнепријателските народи на Балканот. Тука е веќе невидена катастрофа за македонското прашање“.
На прашањето како ова може да се промени, вели врз основа на билатерални разговори.
-Нашите дипломати погрешно мислеа дека тоа ќе се случи со убедување на нашите европски партнери да ја прифатат нашата позиција. Јас ќе дадам пример – во AБВ објавивме добра книга за Илинденското востание и дипломатите од тие години. Сите дипломати таму тврдат дека населението е бугарско, а истовремено и сите нивни надредени – премиери, министри, императори, тврдат дека не бива да се дозволи слобода на Бугарите од Македонија. Зошто? Затоа што тогаш Бугарија ќе станеше многу голема и силна земја и ќе се меша со нивните интереси. И сега е погрешно да се мисли дека ќе ги убедиме. Не, за жал. Потрошивме многу време. За жал, гледам како од Американците, преку Германците и другите европските земји ја бранат македонската позиција, оценува тој.
Прванов тврди дека треба да се преговара за прашањето со Скопје со посилна позиција. -Но, со три реченици, не со таа „Рамковна позиција“, што беше усвоена од Владата и Парламентот, во која се напишани десетици страници тврдења што никој од нашите партнери нема да ги прочита, а камоли да ги разбере и да даде поддршка, истакнува Прванов.