Размислував пред да го напишам овој коментар, несакајќи да се доведе во конотација со дневната политика, но како родител и професор имам должност да изреагирам, пред се како човек кому му се крева утробата пред неправдите со кои се соочуваат генерациите кои треба да ја носат иднината, пишува на својот Фејсбук профил, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Дамјан Давков е ученик во VIII одделение од Штип, но и шампион по математика.
Ваков талент во нормална држава ќе беше бисерот кој една влада ќе го чуваше, помагаше и стимулираше како најголема надеж. Но, не и во нашата земја.
По втор пат во рок од два месеци му било одбиено барањето од страна на МОН за парична награда за освоеното прво место на државниот натпревар. МОН го одбива, не затоа што Дамјан е лош, туку затоа што е добар, затоа што како осмоодделенец стана државен првак по математика за I година средно образование и како основец не го следувала.
Тоа што Дамјан е шампион му е пречка, а не предност. Ова се случува кога државата не штити вредности, кога неквалитетот го гуши квалитетот.
Дамјан шампионе, животот како што гледаш не е фер. Благодарам за сѐ што правиш. Извини во името на сите ние кои имаме обврска да се бориме, а не успеваме да ги исправиме неправдите, затоа што ти тоа не го заслужуваш.
Можам да ветам дека ќе ги смениме работите, оваа борба е за тебе, за твоите другари, за малите шампиони со големо срце, сегашни и идни шампиони. Ти си енергијата која дава сила за борба и за промени кои ќе донесат подобро за сите.
Поддршка шампионе. До наредните успеси“ – напиша Мицкоски.