Економијата не може да расте без помош од државата, зашто државата континуирано ја поддржува економијата. Тоа не значи дека мора да биде директна финансиска поддршка од основниот Буџет на државата, но може да се спроведе преку различните политики што ги креира државата за создавање подобра бизнис клима, вели министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за МИА.

Нагласува дека средствата за поддршка за 2021 година не се намалени, иако сме во време на ковид криза.

-Годинава ќе имаме раст на економијата, а во таа насока одат и бројките од четвртиот квартал од 2020 година кога речиси во сите приходни ставки во државата имавме зголемување во споредба со 2019 година, а се намали директната поддршка што ја дадовме кон компаниите за финансиска поддршка на платите. Очекуваме да се намали и во наредниот повик што се предвидува со петтиот сет на економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните, порачува Бектеши.

Во продолжение е целото интервју на министерот Бектеши за МИА.

Според вас, февруари треба да биде клучен за реализација на мерките од петтиот пакет економски мерки. Со која од предвидените 20-тина мерки и кога треба да стартува петтиот пакет и дали за тоа е неопходна одлука на Собранието?

-Веќе сме при крај со подготовката и дизајнирањето на петтиот сет економски мерки и наредните денови ќе бидат објавени и презентирани од страна на претседателот на Владата и економскиот тим. Сите мерки се дизајнирани во согласност и со дијалог со сите стопански комори, но и со работодавачите, работниците, вклучувајќи ги и синдикатите. Веќе се разговарани во детали и очекуваме наскоро да почнат и да се реализираат. За неколку од мерките кои се предвидени во петтиот сет секако дека треба да има и законски решенија, имајќи во предвид дека неколку од уредбите веќе се завршени, а дополнително на тоа согласно начинот на кој се дизајнирани мерките ќе треба да донесеме и нови закони. Токму затоа најавивме дека февруари ќе биде клучен и за носење на мерките, но истовремено и за завршување на сите процедури за да се реализираат сите мерки. Од начинот на кој претходно се реализираа мерките може да се заклучи дека некаде во првата половина на март ќе имаат можност сите компании да аплицираат за различните мерките кои ќе бидат презентирани.

Опозицијата постојано ги критикува мерките, а ВМРО-ДПМНЕ неодамна излезе со критика дека мерките не се развојни, велат „Владата крпи дупки, а четвртиот и петтиот пакет покрај за санација треба да биде насочен и за развој и за заживување на економијата“. Дали всушност мерките се само за преживување како што тврди опозицијата?

-Од првиот до третиот сет на економски мерки повеќето беа за преживување на економијата и ние јавно кажавме дека се дизајнирани на таков начин и оти така се реализираат за да ги зачуваме работните места во приватниот сектор. Дополнително на тоа немавме кратење во јавниот сектор со цел да ја поттикнеме потрошувачката во државата, а особено  во време на целосен карантин какви што беа првите месеци од пандемијата. Не се согласувам со опозицијата, а и стопанствениците и граѓаните знаат дека и во третиот и четвртиот сет на економски мерки имаше мерки кои беа насочени кон развој на економијата. Таква беше уредбата за зајакнување на конкурентноста, во време на ковид кризата и пост ковид кризата со која поддржавме над 400 компании со 17,3 милиони евра за фирмите кои и во време направија дополнителни инвестиции и креираат нови работни места. Овие средства веќе се прелеани во сметките на компаниите и сме убедени дека кон крајот на 2021 година како што е предвидено во Уредбата сите тие инвестиции ќе се заокружат и ќе се отворат нови работни места во нашата држава. Што се однесува до платежните картички кои ги делевме за различни категории граѓани и обвинувањето од опозицијата дека тоа го направивме предизборно, ние тоа го направивме со четвртиот сет на мерки каде беа вклучени сите невработени лица кои пасивно бараат работа во склоп на Агенцијата за вработување, пензионерите, здравствените работници и слично. Доколку целта ни беше да го искористиме тоа за изборите требаше владината коалиција да добие над 700 илјади гласови што не се случи. Тие мерки беа насочени  за да се олабави економијата и да има помал негативен ефект врз неа и врз граѓаните кои во тие моменти имаа најголема потреба.

Во петтиот пакет наместо финансиска поддршка за исплата на платите се разгледува можноста за доделување бескаматни кредити за компаниите преку Развојната банка. На ова реагираат туристичките агенции и занаетчиите кои сметаат дека многу од бизнисите ќе се затворат доколку не им се помогне со исплата на плата за вработените зашто не се во состојба да се задолжат. Дали е веќе одлучено која од двете опции ќе се користи во пакетот, зошто е избрана и која е нејзината предност?

-Давањето бескаматни кредити не е мерка што првпат се реализира, бидејќи ваква идентична мерка имаше и во првиот сет на економски мерки во која воглавно беа таргетирани неколку дејности во државата. Имаше неколку објави преку Македонската банка за развој од кои три објави се завршени и 6000 компании веќе добија бескаматни кредити. Дополнително го зголемивме и грејс периодот со цел на компаниите да им го олесниме враќањето на кредитот во кој нема ни административна такса.

Што се однесува на петтиот сет на економски мерки ќе се реализираат и двете мерки, значи ќе продолжи и мерката за финансиска поддршка на исплата на платите согласно методологијата и механизмите кои бе предвидени во четвртиот сет на економски мерки. Тоа значи дека ќе се исплаќа скалесто на сите компании кои имале пад на нивните приходи од 30 до 80 отсто, но истовремено ќе има и механизам на бескаматни кредити кои ќе бидат спроведени преку Развојната банка за таргетирани дејности кои согласно податоците кои ги имаме од различни институции имале поголем пад на приходите во нивната работа, но и во дејностите кои биле затворени во време на пандемијата со одлука на Владата.

Во пакетот наместо доделување платежни картички за ранливите категории на граѓани кои се најпогодени од ковид кризата се предвидува да им се простат каматите на заостанатите долгови за сметките постари од три месеци кои ги имаат кон јавните претпријатија на локално и државно ниво. Дали тоа ќе значи поголема поддршка за граѓаните и дали ќе влезат и каматите за заостанатите сметки за електрична енергија и парно греење?

-Разгледавме неколку опции во Владата и побаравме различни предлози од страна на различни институции и невладини институции. Мерката ќе важи само за јавните претпријатија кои работат во склоп на општините и кај оние јавни претпријатија во кои 100 отсто е сопственик Владата. Да прецизирам ќе важи за сметките за вода, комуналии и другите сметки  кои директно се плаќаат од страна на граѓаните кон јавните претпријатија на централно или на локално ниво.

Во моментов разговараме и со други приватни компании за да можеме да обезбедиме некакви олеснителни околности во насока на бришење на одредени камати, но тоа Владата не може да го спроведе кај приватни компании или, пак, кај компании кои над 50 отсто се во сопственост на приватни лица иако Владата може да има одредена малцинска сопственост или процент во одредени компании.

Во првата фаза така ќе почнеме, а така одлучивме, бидејќи имаме информации од анализите што ги направивме дека одредени семејства и граѓани речиси имаат поголем долг врз основа на заостанати камати отколку што им е главницата на долгот и тоа го префрлуваат на наредните генерации. Затоа сакаме еднаш засекогаш да ги избришеме долговите врз основа на камати, а дополнително да им дадеме можност на граѓаните на 12 месеци да го репрограмираат основниот долг што е постар од три месеци.

До каде се законските измени за недела неработен ден, кои категории вработени ќе ги опфати и како тоа ќе се одрази врз целокупната економска состојба на земјава?

-Носител на Законот за работни односи е Министерството за труд и социјална политика, а ние како институција сме директно вклучени и имаме одредени матични закони со кои ги покриваме одредени дејности како што се трговијата, туризмот, угостителството. Веќе ги дадовме опциите за нашиот дел и веруваме дека за кратко време ќе се донесе одлука.

Што се однесува до недела неработен ден, во туризмот и угостителството нема да се предвиди да не се работи. Ние како Министерство за економија дадовме опција сите работници кои ќе работат во недела да имаат поголема дневница. За процентот за кој ќе се зголеми дневницата заеднички ќе одлучиме во соработка со Министерството за труд и социјална политика, но не би требало да биде помал од 50 отсто од постојната дневница.

Кога ќе биде објавен јавниот повик за ваучерите за домашен туризам од страна на Министерството за економија и колку средства ќе се нудат по семејство?

-Согласно планот и програмата што ја усвоивме предвидовме јавниот повик да се објави во вториот квартал од годинава за да имаат можност семејствата  и граѓаните да го искористат летниот период. Вредноста  на секој ваучер овој пат ќе биде 15.000 денари, а дополнително има и нов критериум  за распределба на ваучерите по градови. За тоа ќе го користиме механизмот што произлегува од страна на Законот за рамномерен регионален развој што значи дека ваучерите ќе се делат во зависност од развојот на одредени региони. Во зависност од развојот на регионот ќе се делат ваучери за семејства или граѓани. Повеќе ваучери ќе добијат оние кои доаѓаат од регионите кои се најмалку развиени, а помалку од нај развиените.

Кога ќе се објават јавните огласи за програмите на Министерството за економија за поддршка на индустријата, иновативноста и занаетчиството, како и за поддршка на граѓаните за инсталирање обновливи извори на енергија и за подобрена енергетска ефикасност и кој јавен повик ќе биде објавен прв?

-Оваа година одлучивме  над 90 отсто од програмите да бидат објавени во првиот дел од 2021 година, имајќи го во предвид справувањето со последиците од пандемијата со Ковид 19 и заложбата на Владата за рестартирање на економијата. Главно сите програми кои произлегуваат од Програмата за конкурентност, иновации претприемништво, но и од програмите за енергетска ефикасност каде влегуваат ПВЦ прозорците, печките на пелети и колекторските системи ќе бидат објавени во првиот дел од годинава и ќе бидат спроведени некаде до третиот квартал на годинава.

Треба да се има во предвид дека во ниедна од програмите нема намалување на средства во споредба со претходните години, туку напротив речиси кај сите програми сме предвиделе зголемување на средствата со кои ќе имаме можност да помогнеме што повеќе компании, стопанственици, занаетчии и граѓани.

Неодамна рековте дека со вакцината и имунизацијата против Ковид – 19 ќе се ослободи економијата. Покрај пандемијата актуелно е и бугарското вето. Дали и кога со овие надворешни удари ќе може економијата да продолжи да функционира и да расте без помош од државата. Имате ли прогнози за тоа?

-Економијата не може да расте без помош од државата, зашто државата континуирано ја поддржува економијата. Тоа не значи дека мора да биде директна финансиска поддршка од основниот Буџет на државата, но може да се спроведе преку различните политики што ги креира државата за создавање подобра бизнис клима. На таков начин се привлекуваат и странски инвестиции, но се поддржуваат и домашните инвестиции за да ги зголемат нивните капацитети тука и да не одат да инвестираат во други држави. Тоа веќе го правиме и сега сме при крај со драфтот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Средствата за 2021 година не се намалени иако сме во време на ковид криза за програмите кои веќе се спроведуваат и кои произлегуваат од Планот за економски раст, вклучувајќи ги тука и програмите кои се спроведуваат од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Министерството за економија, како и од Агенцијата за вработување. Речиси  кај сите програми има зголемување на буџетот за да покриеме што повеќе компании. Најавени се и дополнителни инвестиции кои не можеа да се реализираат од некоја причина во 2020 година. Тоа покажува дека годинава ќе имаме раст на економијата. Во таа насока одат и бројките од четвртиот квартал од 2020 година кога речиси во сите приходни ставки во државата имавме зголемување во споредба со 2019 година, а се намали директната поддршка што ја дадовме кон компаниите за финансиска поддршка на платите. Ако во првите три месеци од пандемијата покривме околу 120 илјади плати во приватниот сектор, во последните три месеци од ланската година поддршката се намали на 62 до 63 илјади. Очекуваме за 10 до 15 илјади да се намали и во наредниот повик. Тоа, пак, покажува дека луѓето се враќаат на работа и дека се зголемуваат приходите кои ги добиваме од персоналниот данок и од луѓето кои можеле да бидат отпуштени во 2020 година доколку немаше поддршка од државата.

Се најавува попис на населението, власта вели во април, опозицијата бара одложување за 2022 година. Од економска гледна точка што значи немањето основни статистички податоци веќе 19 години?

-Тоа е многу важна статистичка операција што нуди многу важни и опширни податоци со кои ќе располагаат институциите во државата. При креирање на различни мерки и политики многу е важно да се знае бројот на населението и бројот на домаќинства, како и другите бројки кои се предвидени согласно Законот за попис. Дополнително податоците ќе им помогнат на различните институции како да ги насочат средствата од буџетот таму каде што има најголема потреба. Ќе имаме детални информации за приходите во различни семејства што ќе влијае и на креирање на други мерки во Министерството за труд и социјална политика и во делот на критериумите  кои ги применува Министерството за економија во делот на рамномерен регионален развој. За нас е многу важно да знаеме колку резиденти има во различни региони, бидејќи тие повеќе од девет месеци живеат и работат во тие региони, за да знаеме на каков начин да го распределиме буџетот за да не се развива само еден регион, туку сите подеднакво.

Ќе се избегне ли политизацијата на пописот и тој да биде чисто статистичка операција?

-Нема потреба да има политизација на пописот. Убеден сум дека Заводот за статистика има искуство да спроведе ваква операција и оти нема да има никакво мешање на политиката. Треба да ги оставиме да ги спроведат најдобрите европски практики и да им оставиме на професионалците да ја завршат нивната работа.

Нашата работа ќе почне откако ќе ги добиеме резултатите. Врз основа на тие резултати и бројки што ќе произлезат од пописот ќе треба да креираме соодветни политики кои ќе бидат издржани и на тој начин да им излеземе во пресрет на граѓаните и на економијата во целост. Убеден сум дека нема да се политизира пописот во нашата држава. Колку побрзо ќе се реализира пописот, толку подобро ќе биде за економијата и за државата.

Се ближат локалните избори, а ВМРО-ДПМНЕ бара и предвремени парламентарни избори. Како земја фактички речиси секоја година имаме избори. Може ли во услови на пандемија земјава од економски аспект да издржи двојни избори?

-Повеќе од деценија во нашата држава немало редовни избори и секако дека тоа влијае на економијата. Дополнително, имајќи ги во предвид последните законски измени кои произлегоа од Пржинскиот процес има одредени неможности институциите да функционираат. Кога зборуваме за локални избори тоа дополнително го усложнува процесот, бидејќи има и втор круг. Тоа значи дека институциите речиси четири до пет месеци не можат да го реализираат зацртаното, како што се различните програми или усвојувањето на буџетите и да исплатат средства на стопанството и кај граѓаните, бидејќи еднократните субвенции или трансфери  не можат да се реализираат во време на избори. Убеден сум дека нема многу да влијае на економијата ако годинава се одржат само локални избори, имајќи предвид дека тоа влијае врз локалната власт, додека централната може да продолжи редовно да работи.

Опозицијата секогаш треба да бара предвремени избори, но мислам дека сегашното барање е блеф, бидејќи не помина ни една година од изборите на кои граѓаните го кажаа своето мислење. Доколку избори се одржат неделава мислам дека резултатите ќе бидат идентични, а повикувајќи се на анкетите на политичката партија во која сум член повеќе од сигурен сум дека ќе има зголемување на поддршката од страна на граѓаните. Тоа го покажуваат сите спроведени анкети во текот на 2021 и од крајот на 2020 година.

Дали е консолидирана ДУИ пред локалните избори и од кое крило – тетовското или скопското очекувате да добие повеќе градоначалници?

-ДУИ секогаш е консолидирана и е политичка партија која е најдобро организирана во С. Македонија. Тоа го покажуваат резултатите од изборите и резултатите на институциите кои се раководат од страна на претставници на Демократската унија за интеграција.

Ние сме едногласни дека ДУИ треба да кандидира градоначалници во сите општини почнувајќи од Липково, па се до Струга. Така и ќе биде и сум убеден дека над 95 отсто од општините ќе бидат добиени од страна на ДУИ. Дополнително, веќе започнавме процес во кој треба да креираме програми за централната и локалната власт. Во локалната власт програмите ќе бидат поконкретни со време и со износ на проектите и ќе се прават во консултација со граѓаните. Консултацијата со граѓаните е веќе започна преку ограноците на ДУИ во општините кои ги наведов и во зависност од нивниот фидбек ќе ги креираме политиките. Ќе добиеме градоначалници во речиси сите општини со албанско мнозинство во скопскиот, но убеден сум и во полошкиот регион.

Господинот Али Ахмети уште поодамна најави повлекување од лидерската функција во ДУИ, но се уште е претседател. Има ли најави за нов лидер пред локалните избори?

-Нема најави за нов лидер. Господинот Ахмети е незаменлив во Демократската унија за интеграција и сум убеден дека е лидер на Албанците во  Северна Македонија. Се покажал и како одличен лидер за сите граѓани кога требало да се носат многу клучни одлуки за иднината на државата. Тогаш Али Ахмети бил политичарот кој пресекувал, но истовремено им помагал на двете македонски политички партии да дојдат до заедничко решение за клучните прашања.

Убеден сум дека Али Ахмети ќе продолжи да биде лидер на Албанците во Северна Македонија и дека ќе биде поддржувач на интегративните процеси на нашата држава, а со тоа и лидер за сите граѓани.

Само по 15 години речиси се заокружуваат процесите за интегрирање на државата во Европската Унија, а веќе го заокруживме членството во НАТО и сега ќе бидеме насочени и ќе работиме на економскиот развој на нашата држава.

Валентин Јанковски

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Аслан Вишко