Мицкоски објаснува зошто е за впишување на националноста „Македонец“ во л.к. и кој странски дипломат го искарал Заев

/ 16.02.2021

Во денешната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со новите измени на законот за лични карти, истакна дека не гледа проблем во тоа и сака да се идентификува себеси во личните документи и патните исправи како Македонец, наспроти тврдењата на определени политичари дека треба да се создаде нова нација со граѓанскиот концепт „граѓанин на државата со новата придавка“.

-Смешно и небулозно е да се даваат такви квалификации за македонскиот народ и македонската нација којашто е притисната, угнетена и нација и народ којшто е доведен практично со грбот до ѕид. Има таму професори универзитетски во тие политички партии нека ги земат формуларите на универзитетите каде што студентите се пријавуваат и нека прочитаат дали се идентификува националната припадност на студентот којшто се запишува на универзитетите. Така што јас навистина немам ништо повеќе да кажам од следново. Во јавноста постои информација којашто е на ниво на би рекол политичка калкулација, а тоа дека прва и основна точка на политички договор помеѓу СДСМ и БЕСА била токму оваа измена во личните карти, односно враќање на старото решение пред потпишување на Преспанскиот договор, кога се брише националност и се додава државјанство, односно граѓанин на државата со новата придавка. Понатаму откако се формира новата влада доаѓа до политички консултации помеѓу владините партнери БЕСА и СДСМ и откако е направена консултација со дипломатски претставник на една соседна држава СДСМ и раководството ретерира од овој претходен договор којшто го има со БЕСА, бидејќи јасно им е ставено до знаење од страна на тој дипломатски претставник на раководството на СДСМ дека тоа би значело „breach of the agreement“ или на македонски јазик „прекршување на договорот. Откако се соочиле со таа вистина почнале да бараат „спаринг партнери“ на политичката сцена коишто наместо нив ќе играат улогата на кочничари на ова решение. И оттука се појавуваат определени политички партии коишто сега нас не убедуваат дека ние треба да создадеме нова нација, којашто ќе се идентификува со граѓанскиот концепт „граѓанин на државата со новата придавка“. Јас сакам со мојата лична карта да стои мојата нација, македонската, бидејќи јас сум Македонец и сакам да се идентификувам како Македонец и навистина тука не гледам ништо лошо, ниту спротивно на она што е вековна заложба на овој народ и граѓаните коишто себеси се идентификуваат по род Македонци и сакаат во нивните документи и патни исправи да стои дека се Македонци, а не „граѓани на државата со новата придавка и новото име“ и на тој начин создавање на вештачка нација – образложи Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Мицкоски посочи исто така дека ова е реалноста поврзана со оваа политичка гимнастика и акробација којашто денеска се случува, а која Зоран Заев ја најавил за време на пратеничките прашања на 30-ти декември, кога на едно реторичко прашање јасно кажал дека пред изборите обезбедувал логистика, спонзорирал и преговарал со таканаречените „кукавички јајца“ во опозицијата.

– Јас не гледам ништо страшно во тоа, ниту пак нешто спорно во тоа да во мојата лична карта или патна исправа стои идентитет како Македонец, односно мојата национална припадност дека сум дел од македонскиот народ, а македонскиот народ не само што со векови е парчосуван и угнетуван, туку гледаме и денеска овие политичари, за да ја спасуваат својата политичка кариера и политичка кожа, се обидуваат на секој начин да прават политичка гимнастика и дополнително да го уништуваат нашето македонско национално достоинство. Ако можат студентите себеси во формуларите на факултетите да ја запишуваaт својата нација, затоа што се горди на својата нација, зашто јас во мојот документ за идентификација и зошто во мојата патна исправа да не стои тоа, туку да формираме една нова вештачка нација којашто ќе биде „граѓанин на државата со новата придавка“ – објасни Мицкоски.


Од истата категорија