Обвинителката од поранешното СЈО на Катица Јанева, Ленче Ристовска во завршниот збор за случајот „Таргет и Тврдина“, истакна дека има три категории на оштетени лица од масовното незаконско прислушување во УБК.
-Има три категории на оштетени лица, дел биле таргети, дел биле соговорници на таргетите, а дел биле со судски налог, но биле следени и надвор од законската регулатива, истакна обвинителката Ристоска.
Ристовска образложи во кои сѐ сфери е вршено обезбедување на целосна контрола на сите процеси во државата, политички, бизнис, медиумски итн.
-Последиците од незаконското прислушкување се од огромни размери, не само за приватноста на луѓето кои биле прислушкувани туку и за последиците кои се настанати во општеството и општествените процеси, изјави таа при завршните зборови.
Таа говореше за повеќе лица кои биле прислушкувани како високи членови на СДСМ, новинари, функционери… Како оштетени од прислушувањето се наведуваат низа граѓани кои биле на партиски функции, државни позиции, вработени во медиумите и политичари од СДСМ. Никаде не се наведуваат како оштетени од прислушувањето високите функционери на минатата власт кои поради овие разговори се мета на власта и обвинителството.
На денешните завршни зборови на одбраната, екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска порача дека и таа сака да бидат казнети оние кои со години нелегално прислушувале додека таа била на чело на полицијата. Рече дека и самата била жртва на, како што рече, монструозниот план за прислушување илјадници граѓани. Само за неа имало 23 илјади прислушувани разговори.
„Незаконски со години се прислушкувани илјадници граѓани, а јас лично сум една од жртвите на овој монструозен процес кои биле најмногу и најдолго прислушувани“, додава Јанкулоска.
Освен неа, меѓу најприслушуваните е и поранешниот министер Миле Јанакиески кој со години се суди за повеќе дела, излезени токму од овие разговори по формирањето на СЈО.
За Јанкулоска и Јанакиески важат други правила. Тие како прислушувани се преставени во јавноста како виновни за нешто кое и нив им се случувало.
Да биде иронијата поголема, на Јанкулоска и се суди за прикривање траг за прислушување, а всушност и таа е меѓу оние чии разговори најмногу и најдолго се снимале.
Во делувањето на СЈО изгледа ништо не е сменето дури ни по неговото укинување и откако првиот човек на истото беше осуден за Рекет. Обвинителката Ленче прави очигледна селекција, по којзнае кој пат некого амнестира од одговорност, а друг терети за нешто кое не можел да го направи.