Талибанците се категорично против можното пролонгирање на повлекувањето на американските војници од Авганистан, изјави изјави портпаролот на бунтовничката група Забихулах Муџахид во интервју за германската новинска агенција ДПА.
– Нашите борци никогаш нема да се согласат на продолжување. НАТО, Америка и сите страни дојдоа до заклучок дека доколку сакаат да ја надминат сегашната криза, единственото добро решение е спроведување на потпишаниот договор, истакна Муџахид.
Тој истакна дека талибанците продолжуваат да бараат дипломатско решение, но предупредуваат на последици доколку не се почитува договорот.
– Ако, не дај Боже, договорот се прекрши, тогаш, се разбира, народот во Авганистан ќе се брани… како што тоа го правеше во изминатите 20 години, истакна Муџахид.
Тој додаде дека одлука за тоа ќе биде донесена во мај, доколку меѓународните трупи сè уште бидат во Авганистан.
– Ако дипломатскиот пат е затворен, тогаш нема начин освен тој на војната, рече портпаролот на талибанците.
На почетокот на 2020 година, САД ветија дека ќе ги повлечат своите трупи до 1 мај 2021 година. За возврат талибанците се обврзаа на мировни разговори со авганистанската Влада.
Авганистанските мировни разговори со недели се во застој. Како една од причините, Муџахид ги наведе консултациите помеѓу талибанците.
– Ние генерално не ги напуштивме преговорите и посветени сме на продолжување на преговорите, наведе Муџахид.
Набљудувачите ги обвинуваат талибанците за кршење на договорот, пред се поради нивната соработка со други терористички групи.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг минатата недела по консултациите истакна дека земјите од Алијансата ќе продолжат со својата мисија во Авганистан се додека не биде донесена нова одлука.