Заменик рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански изјави дека доколку Киев не престане со „геополитичките авантури“ и не почне да ги исполнува обврските од Договорот од Минск, тогаш ризикува да ги загуби областите Доњецк и Луганск.

Тој на седницата на Генералното собрание на ОН, посветена на ситуацијата во Доњецк и Луганск, оцени дека „приврзаноста на Киев“ кон Договорот од Минск е само „убав и корисен мит за Западот кој нема никаква врска со реалноста“.

Полјански го цитираше украинскиот претседател Володимир Зеленски дека „Договорот од Минск не е потребен за нормализирање на ситуацијата, туку поради зачувување на санкциите против Русија“.

Тој повтори дека конечната цел од реализацијата на Договорот од Минск е Донбас да се врати во составот на Украина, но клучниот услов за тоа е директен дијалог со Киев, со посредство на ОБСЕ и Русија.