Со процесот на промени внесуваме многу новини во фунцкионирањето на партијата, за првпат ќе имаме внатрепартиски избори на кои секој член ќе може да гласа за нов претседател на СДСМ и тоа е врвна демократска вредност, посочи претседателот Зоран Заев во интервју за „Слободен печат“.
Заев истакна дека по изборите, ќе следуваат нови кадровски промени во раководството и ја објасни својата програма за новиот четиригодишен мандат како претседател на СДСМ.
„По изборите ќе следува Конгрес на партијата некаде во месец мај и јас очекувам ново политичко освежување како дел од новата политика и тоа е првиот момент од мојата програма. Вториот момент е уште позасилено креирање на политики за борба против криминалот и корупцијата. За мене, борбата против криминалот и корупцијата е подобар економски стандард, подобро здравство, подобро образование, но и побрз пат кон ЕУ. Криминалот и корупцијата ги има секаде во светот. Во таа борба секој мора да даде свој придонес и тука ќе се вградиме сите. Трето, ќе охрабриме различни мислења. СДСМ е партија во која владее демократијата но сакаме да дадеме шанса за уште поголема присутност на различни мислења, за дополнително да ја зајакнеме демократијата. Многу важен елемент е да ги отвориме вратите и за сите оние кои не мора да имаат книшка од СДСМ, но веруваат во социјалдемократските вредности и проевропските политики„ посочи Заев.
Претседателот Заев порача дека демократизација на партиите е важен процес кој придонесува за демократизација на целото општество.
„Во еден политички систем, ако политичките партии се подобри, ако се подемократски, посовремени, тогаш и власта е подемократска и посовремена. „Нова политика“ значи нови луѓе и прифаќање на нови мислења, и затоа ќе отвориме можност секој еден да се вгради во промените, да придонесе и да и помогне на државата„ истакна претседателот Заев.
На јавноста и се познати ветувањата на Заев, за железни опинци, за метли, за кадровски освежувања… Тоа Заев досега во повеќе наврати го најавувал, а фотографијата е токму од еден таков настан, кога социјалдемократите се обидуваат „да бидат духовити за сериозни ветувања“ кон граѓаните.