Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, преку јавната порака, упатена до политичките партии во Албанија, ги замоли лидерите на кандидатските листи на изборите на 25 април да вклучат личности со интегритет.
-САД беа исклучително јасни во врска со одговорноста на лидерите да обезбедат кандидати со интегритет, вклучително и во врска со албанските закони и номинациите од страна на нашиот државен секретар (се однесува на лица кои се на црната листа). Албанците ми велат дека нивната најголема грижа е што корупцијата, недостигот на транспарентност и неказнивост ја загрозуваат иднината на нивните деца, напиша Ким.
Додава дека листите презентирани од партиите ќе кажат дали албанските лидери ја разбрале пораката од САД, дали се посветени на членството во ЕУ и дали се подготвени да ги донесат тешките одлуки потребни за подемократска иднина на Албанците.
-Очекуваме партиските лидери да демонстрираат вистинско лидерство. Ние ќе ги посочиме како одговорни лидерите на партиите. Исто така, силно ќе ја поддржиме Централната изборна комисија при разгледувањето на доставените кандидатски листи, што е задача која мора да се преземе пред се во име на албанските гласачи, порачува амбасадорката.
Ким беше многу активна последните недели со своите изјави до албанските политичари, барајќи од нив во кандатските листи за изборите на 25 април да ставаат само лица со интегритет.
Крајниот рок за доставување на листите до ЦИК истекува денеска на полноќ.