Последните две кола во англискиот шампионат ќе се играат во присуство на публика, со ограничен капацитет на исполнетост на стадионите до максимум 10.000, најави денеска раководството на Премиер лигата.

Доколку нема продолжување на рестрикциите поврзани со коронавирусот, кои се во сила во Велика Британија, клубовите ќе можат да ги отворат стадионите за навивачи од 17 мај.

– Се надеваме дека завршните две кола сезонава ќе се одиграат пред максимум 10.000 навивачи на стадионите, изјави денеска извршниот директор на Премиер лигата Ричард Мастерс.

Со цел да овозможи присуство на навивачите на сите стадиони во Премиер лигата предвидено е натпреварите од претпоследното коло во англиското првенство да се играат од 18 до 20 мај, додека завршното коло е предвидено за 23 мај.