Сакам да ги уверам граѓаните дека буквално секоја вакцина која што е сега присутна или допрва ќе влегува во нашата земја ќе биде безбедна за користење, порача денеска министерот за здарвство Венко Филипче. 

Тој појасни дека тоа што се создаде малку сомнеж, компликации, несакани ефекти од вакцината на „Астра Зенека“ и поради што неколку национални агенции на некои европски земји го запреа вакцинирањето, вчера, како што рече, дефинитивно го демантираше European Medicines Agency (EMA), во смисла да потврди дека вакцината е целосно безбедна и нема никаква директна причинско-последична врска помеѓу тие несакани ефекти и вакцината.

-И затоа сега сите европски земи коишто привремено ја запреа вакцинацијата ќе ја продолжат вакцината на „Астра Зенека“. И според нашите сознанија, деталните анализи на публикациите коишто излегуваат од овие несакани ефекти, анализата на упатствата од буквално сите вакцини коишто ги имаме и коишто ќе дојдат во нашата земја се, дека сите вакцини се безбедни и корисни и дека служат за вистинската цел за која што треба, а тоа е да спречат несакан смртен слуај од болеста или тешка форма на болеста, нагласи Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање дали масовната имунизација во земјава ќе почне со вакцината на „Астра Зенека“, Филипче рече дека сега навистина не може да каже.

-Имаме некои најави за тоа кога треба да стигнат вакцините на „Астра Зенека“. Тоа што сигурно го знаеме дека дефинитивно прва вакцина која што ќе стигне преку ковакс-механизмот е на „Астра Зенека“, доколку не стигнат кинеските вакцини претходно, тоа ќе биде „Астра Зенека“, изјави Филипче.

Прашан за вакцината против КОВИД-19 на „Фајзер, министерот Филипче појасни дека од наша страна на 30 декември лани имало остварено комуникација, а тие, како што рече, ни потврдија дека земјата ги исполнува условите да се потпише договорот и од тогаш траат сите разговори коишто бараат одредени измени, некои информации во делот на усогласување, така како што тие бараат со цел да се внесе вакцината во нашата земја. 

-Сега имаат и некои дополнителни барања пред два дена. Ние од наша страна го потпишавме договорот и го вративме, меѓутоа се уште не е вратен назад. Сега има некое дополнително барање коешто стигна пред три дена, а се однесува на обесштетување за евентуално нескани ефекти од вакцината.  И тука има некои специфични барања, интензивно разговаравме и во текот на изминативе два дена и денеска.  Утрово ги чекаме повратните информации од „Фајзер“. И самите се свесни и укажаа дека навистина долго време траат овие разговори со нив и јас верувам дека конечно ќе се финализираат, појасни Филипче.

Прашан дали како министер за здравство заедно со некои други политичари ќе се вакцинира со вакцината на „Астра Зенека“ за да ги увери граѓаните дека е безбедна, Филипче рече „дефинитивно да“.

мајќи предвид дека гледаме сега дека навистина скепсата е најголема во однос на таа вакцина, да, дефинитивно, изјави Филипче.