Половина од возрасните Британци примиле барем една доза од вакцината против Ковид-19 со што Велика Британија стана првата голема светска економија што го достигна тој праг.
Министерот за здравство Мет Хенкок на Твитер напиша дека бројката е достигната по рекордните 660.276 вакцинации во петокот.
Израел е лидер во вакцинацијата на населението, следат Обединетите Арапски Емирати, Чиле и Велика Британија, бидејќи инвеститорите внимателно набљудуваат кои економии би можеле да закрепнат први.
„Вакцината е национална успешна приказна и тоа е нашиот излез од оваа пандемија“, напиша Хенкок, додавајќи дека е „воодушевен“.
Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа ја прими првата доза на вакцина против Ковид-19 на „АстраЗенека“ и ги повика луѓето да го следат неговиот пример.
Џонсон беше вакциниран на денот кога европските земји ја продолжија употребата на вакцината на „АстраЗенека“, откако регулаторот на лекови за ЕУ објави дека придобивките од вакцината ги надминуваат сите ризици.
Дистрибуцијата на вакцини во Велика Британија е организирана од државната здравствена служба и кампањата за вакцинација е во тек, но властите предупредија оваа недела дека програмата за вакцинација може да забави во април, поради доцнењето на пратките со вакцини од Индија и потребата да се преиспитаат некои серии вакцини во Велика Британија .
Британија досега се потпираше на вакцините на „АстраЗенека“ и „Фајзер/Бионтек“.