Пораз во драматична-инфаркт завршница! Така накратко може да се опише вечерашниот дуел на нашата фудбалска репрезентација со Романија.

Бледо прво полувреме и водство на Романците од 1:0 преку Танасе во 28 минута. Убав гол на Романецот и Македонија е во минус од еден гол.

Пандев во 45 минута бара пенал за нас, но судијата му дава жолт картон кој може скапо да не чини во некој натамошен натпревар.

Во второто полувреме слична игра. Имаме по некоја шанса, се трудиме, но не е тоа таа репрезентација што зрачи моќност.

Резервата Михала во 50 минута го постигнува вториот гол за Романците и, со оглед на играта, се чини дека судбината ни е запечетена.

И тогаш, два гола за нас во две минути. Адеми на додавање на Алиоски во 82 минута и Трајковски на додавање на Барди во 83 минута и ние имаме резултат од 2:2. Лудница, нешто невидено за нашата ререзентација, но заслужено со оглед на тоа што имавме барем неколку шанси преку Алиоски и Барди да постигнеме гол.

Но, еуфоричната радост од двата гола траеше само три минути. Во 86 минута Хаџи погодува за 3:2 за Романија. Ние напаѓаме, имаме продолжение од 4 минути, во последната минута постигнуваме гол, но офсајдот е очигледен и голот со право ни е поништен. Судијата свири крај, ние се враќаме во Скопје со пораз, но со впечаток дека по слабите речиси 80 минути можвме комотно да донесеме бод од Романија. Штета.