Европската агенција за лекови и натаму дава зелено светло за вакцината на АстраЗенека. Попладнево во Амстердам е соопштено дека нема да има ограничување на употребата на вакцината и покрај ретките случаи на тромбози.
„Ползата од вакцината во борбата против Ковид-19 е значително поголема од ризиците“, повтори и денеска шефицата на Европската агенција за лекови (ЕМА), Емер Кук.
Експертите утврдиле поврзаност помеѓу вакцината и згрутчување на крвта, но тоа се случува многу ретко. Во временски период од две недели по примањето на вакцината АстраЗенека можни се „многу ретки случаи на згрутчување на крвта во комбинација со ниски вредности на тромбоцити“, се вели од ЕМА. Таа истражувала случаи на згрутчување на крвта во мозочните вени, во долниот дел од стомакот, како и во артериите. Повеќето познати случаи на тромбози се појавиле кај жени на возраст под 60 години. Европската агенција за лекови, меѓутоа, не наведува специфични фактори на ризик. Згрутчувањето на крвта би требало да се наведе во упатството за вакцината како ретка нуспојава.
Објаснување за комбинацијата на згрутчување на крвта и ниските тромбоцити, според ЕМА, е можно да е имунолошка реакција. Таа би можела да доведува до состојба каква што понекогаш се јавува кај пациенти кои добиваат хепарин. Пациенти кои имаат симптоми како тешкотии со дишењето, болки во градите, оток на нозете, постојани болки во долниот дел од стомакот, невролошки симптоми, меѓу кои и тешки главоболки или замаглен поглед, како мали дамки од крв под кожата, би требало веднаш да се јават на лекар.
Нејасно е какви последици сега ќе има одлуката на ЕМА за процесот на вакцинација. Повеќе ЕУ-држави, меѓу кои и Германија, претходно го ограничија користењето на вакцината само за лица над 60-годишна возраст.
Британската комисија за вакцинација ја промени препораката за АстраЗенека
Во меѓувреме, Британската комисија за вакцинација ја промени својата препорака за користењето на АстраЗенека. Препаратот во иднина би требало по можност да им се дава само на лица постари од 30 години, соопшти Комисијата денеска. Причина за ваквата одлука се извештаите за ретки случаи на згрутчување на крвта поврзани со добивањето на вакцината.
Британската комисија за лекови МХРА соопшти дека досега во Велика Бритнаија има 79 случаи на згрутчување на крвта по добивање на вакцината на АстраЗенека. Во 19 случаи тоа имало смртни последици. Комисијата наведува дека досега не е докажана директна поврзаност со вакцината, но со оглед на тоа што ризикот за младите луѓе да починат од Ковид-19 е мал, донесена е одлука да се препорача употреба на вакцината за лица над 30 години.