Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот технички министер Наќе Чулев, кој ја извршуваше функцијата во првата половина на 2020 година, деновиве биле на распит како сведоци во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Двајцата биле повикани во различни денови, а исказот го дале пред обвинителката Вилма Русковска.

Од нив се барало да ги изнесат своите информации околу набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци што го набавил поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски за 81 илјади евра.

Спасовски и Чулев биле повикани како сведоци во постапката.

Спасовски како сведок во обвинителството се појавил во средата, а еден ден по него и Чулев.

Инаку по наредба на обвинителството за организиран криминал и корупција, вчера беа извршени претреси во фирмата „Инвока груп“ од која што, Рашковски го набави спорниот софтвер, како и во домот на сопственикот на фирмата.