Почитувани колеги, почитувани граѓани, почитувана претседателке, внимателно ве слушав, навистина добар план ќе кажам. Сериозен план, ми се допаѓа тоа што сте го направиле, сериозно на многу страни, и се надевам нема да остане само едно парче хартија. Убаво кажавте вие, тоа е законска обврска и треба да се донесе на секои 5 години. Но за жал, реалноста не е таква. Јас ќе пробам да бидам малку подиректен со овие 15 приоритети горе доле што вие ги опфаќате во вашата, односно во стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси, го започна својот говор на денешната собраниска седница, Владо Мисајловски, потпретседател и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
– Една од главните работи што ја спомнавте и што ја има во стратегитата е зголемување на нивото на политичка одговорност. Апсолутно е така. Од четири години за никого од власта нема, апсолутно нема. Може прогон против ВМРО постојано да има, но во моментов, за власта на никој нема. Прво нешто што го спомнавте како главен приоритет се јавните набавки. Апсолутно сте во право. Јас тука ќе бидам директен, кажавте убави формулации како треба да се спроведуваат јавните набавки, но јас ќе ви кажам директно, НЕМА тендер што не е наместен, тоа е проблемот. И не го зборувам јас тоа сеа, 20/30 години од кога постои државава дали во локална самоуправа дали во централна власт, постои. Во овој акционен план, вие убаво наведувате нови формули, нови акциски планови. Но што ќе се спроведе? Бидејќи слушнавте колку има наместени тендери, моментално слушнавме за Рашковски тендерите, што еве кажува пратеникот има пресумпција на невиност, јас тоа нема да го говорам, но дали е тоа вистина ? Дали има вистина во тендерите што ги чувме со некои фантомски фирми за вакцини, дали има вистина за тендерите оние што се во здравството итн. Дадовте многу формулации дека во здравството дека едно користење на јавните ресурси и финансии, што не е добро, рече тој.
– Јас ве охрабрувам, и не само јас туку претпоставувам сите пратеници, не само вашата борба против корупција, туку сите заеднички да ја следиме оваа стратегија и навистина да дадеме се од себе. Еве јас јавно кажувам, јас секогаш ќе поддржам ваков документ, ќе го поддржам навистина но да има ефект од сето тоа. Бидејќи ова е законска обврска, да не испадне да се носат акциони планови и стратегии само затоа што има законска обврска. Државата ни станува мафијашка држава. Јас кога почнав со првиот говор тука, премиерот, министрите, ја формираа Владата, кажав дека мафијата си добива своја држава и сега гледате овој мозаик, овие коцки како полека една со друга се лепат, и гледаме дека во оваа држава навистина владее мафија, посочи Мисајловски.
– Кажавте исто така има голем проблем со вработувањата во јавниот сектор, и сите до еден знаеме дека тоа е проблем со партиските вработувања. Но, дали има предмет за овие години за овие партиски вработувања? Дали има за роднини, пријатели, пратеници, директори, функционери ? Многу малце, минимално… или ич. Но ако има, одлично. Еве ве охрабрувам секој предмет да го проверите. И не само што ќе го чуете од оваа говорница или од новинарите, туку и вие навистина да се задолжите, вие што сте во комисијата и се разбира на сите оние кои ве комуницираат да дадете максимум, да излезе се на површина и да се види сето тоа бидејќи ова не е проблем овие четири години, сега ја слушнав колешката зборуваше и за минатите години. Епа сега нема човек што не е вработен од СДСМ, нема, не постои. И тоа е реалноста, дециден е Мисајловски