Најмалку 182 лица се уапсени денеска низ цела Русија за време на недозволени протести, со кои се бара ослободување на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.
Навални, кој започна штрајк со глад пред три недели, изјави дека неговото здравје значително се влошило. Според невладината организација ОВД-Инфо, специјализирана за следење на протестите во Русија, овие апсења се извршени во најмалку 40 градови, главно во Сибир и на Далечниот Исток. Некои активисти биле приведени пред протестите. Исто така. беа извршени претреси во простории поврзани со организацијата Фонд за борба против корупцијата (ФБК) на Навални.
Во Владивосток, на Далечниот Исток, неколку стотици демонстранти маршираа мирно под полициски надзор. Тие носеа транспаренти на кои пишуваше: „Слобода за политичките затвореници!“ и „НЕ на војната, репресиите и тортурата!”
Во Сибир најмалку 2.000 луѓе излегоа на протести во поголемите градови Иркутск и Новосибирск.