Од судско-обвинителски извори, САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека четвртоосомничениот во истрагата не успеал да го форматира телефонот пред да му биде одземен и во една од пораките, првоосомничениот Рашковски му вели: „Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат“.
Дополнително, САКАМДАКАЖАМ.МК доби потврда од очевидци, професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“, дека претрес во истрагата против Рашковски за злоупотреба на службената положба и овластувањата се вршел и таму, бидејќи фирмата „Инвока“ ја користела и канцеларијата на Рашковски, кој во Владата дојде од Правниот факултет.
Истрагата против Рашковски Обвинителството ја почна за софтвер кој чини над 80.000 евра, кој Рашковски во име на Владата го набавил од фирмата „Инвока“ за потребите на МВР, а на полицијата ниту ѝ бил потребен, ниту пак некогаш од него побарала да им набави таков софтвер за сообраќајни прекршоци.
Рашковски од куќен, денеска оди во ефективен притвор во Шутка откако кривичниот совет во Основниот кривичен суд ја прифати жалбата на Обвинителството во истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, кој никој не го користи. Преиначена е одлуката и за второосомничениот, сопственикот на фирмата „Инвока“ Даниел Станчески, кој исто така оди во Шутка, место во куќен притвор.