Американскиот Претставнички дом усвои закон со кој ќе се ограничи можноста американските претседатели во иднина да воведуваат забрана за патувања темелени на религија, што членовите на организациите за човекови права го нарекоа „голем чекор напред“.
Законот, неформално наречен „No Ban act“, е одговор на контроверзната „забрана за муслиманите“, изречена од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, врз граѓаните на повеќе земји со мнозинско муслиманско население.
Законот, што мора уште да се изгласа и од Сенатот за да стапи на сила, доби 218 гласа во Претставничкиот дом, а 208 конгресмени гласаа против.
-Забраната за муслиманите ги раздели семејствата и ги идентификува муслиманите, Африканците и другите целни групи како закана однадвор, изјави Мадиха Ахусаин, советничка во „Адвокати на муслиманите“, американска група за граѓански права.
„Ние мора да осигураме дека ниту еден претседател никогаш повеќе не ќе може да воведе дискриминаторски забрани како оваа. Усвојувањето на нацртот во Домот е голем чекор за да се стигне таму“, рече Ахусаин.
Новиот американски претседател Џо Бајден ја укина забраната на Трамп уште на 20 јануари, првиот ден откако стапна во Белата куќа.
Трамп ја воведе забраната во 2017 година, што предизвика протести и осуди. Судовите во САД двапати ја поништуваа забраната, но во 2018 година Врховниот суд ја поддржа и оцени како мерка во врска со националната безбедност.
Забраната првично важеше за повеќето патници кои во САД пристигнуваа од Сирија, Иран, Јемен, Сомалија, Либија, како и од Северна Кореја и Венецуела, а во 2020 година, Трамп ја прошири на Мјанмар, Еритреја, Киргистан, Нигерија, Судан и Танзанија.