Обвинетиот Сашо Срцев, поранешен член на ДИК, денеска остана без адвокат во случајот „Титаник 2“ на СЈО, поради што е дадена полчасовна пауза на ова судење, за да си најде нов. Судијата Огнен Ставрев најави казна за адвокатот Димитар Дангов, зашто денеска ги известил и судот и клиентот, непосредно пред да почне судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, дека не може да присуствува на “Титаник 2”. Дангов е бранител на обвинети за организираниот напад на Собранието, судење кое се одвива паралелно со ова.
Во случајот „Титаник 2“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинети се поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Елизабета Стефанова и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку во петокот адвокатот Тони Менкиноски, кој брани обвинет за „настаните на 27 април“ го повлече полномошпното како бранител на обвинетиот Горанчо Ангелов затоа што судот не му дал доволно време да го разгледа обвинението и доказите за да може да подготви квалитетна одбрана. За таквата постапка на судијката Добрила Кацарска тој рече дека ќе ги информира комесарите за човекови права на Советот на Европа и на ОН.