Простете им не знаат што прават, изјави денеска директорот Стојко Пауновски, откако попладнево ја слушна одлуката на Владата за неговото разрешување.
Пауновски рече дека му е мило што премиерот ги примил неговите колеги-инспектори и ги слушнал аргументите зошто сите 35 рамковвни вработени не можел да ги смести по канцеларии.
Сите одлуки беа став на цел колегиум и криво ми е дека тоа е пренесено како мое инаетење, рече Пауновски во изјава за ТВ Телма.
– Ова за мене беше очекувано. Можам само во духот на празниците да порачам „простете им не знаат што прават“. Криво ми е само што меѓу мене и премиерот немало никаков конфликт. Ако имало конфликт бил со шефот на кабинет на Груби, околу распределбата на рамковните вработени, изјави Пауновски за телевизијата.
Тој за проблемот се произнесе и на социјалните мрежи:
-Огромна благодарност до сите граѓани кои во мојот „пркос“ ги согледаа моите искрени намери и желба за силна, стручна и независна европска институција. Патот на одбрана на интегритетот и професионалноста на институцијата со која раководев, за жал, не наидоа на разбирање од премиерот. При ова обраќање, сакам да упатам посебна благодарност до сите вработени во ДПИ кои во оваа битка застанаа рамо до рамо со мене и докажаа со факти дека сите одлуки ги носевме заедно, без разлика што јас им бев претпоставен. Горд сум на се што направивме заедно! Ми беше чест да работам за вас и од срце ви посакувам подобар директор со кого ќе продолжите таму каде што јас застанав, објави Пауновски на социјалните мрежи.
Како што веќе објавивме, Пауновски е разрешен од директорското место бидејќи одби да прими уште еден контингент „рамковно вработување“ во Државниот пазарен инспекторат каде што во моментов има над 40 осто вработени Албанци. Поради тоа, пред неколку дена, премиерот Зоран Заев, поради „пркосот“ му се закани со разрешување, а тоа денеска е сторено на седница на Владата.