Денес, но и во секој друг ден од годината оддаваме почит за трудот и придонесот што работниците и работничките го даваат за развојот на економијата и општеството, истакна на денешната прес-конференција Милан Живковиќ, претседател на Комисјата за труд и социјална политика на СДСМ.
Прес-конференцијата ја пребесуваме интегрално:
Како партија која се води од социјалната правда, еднаквоста и солидарноста како социјалдемократски вредности, во изминативе години спроведовме низа мерки и политики кои ги унапредуваат работничките права.
Ја зголемивме минималната плата која во 2017 изнесуваше 9.000 денари, а денес таа изнесува 15.200 денари.
Притоа, ја израмнивме минималната плата и ја запревме дискриминацијата кон вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија кои добиваа плати пониски од законскиот минимум.
Растот на минималната плата ја отвори спиралата на раст на платите во сите сектори. Денес, просечната плата изнесува 27.948 денари, а растат платите во сите сектори.
Неколку години бележиме раст на платите во основното и средното образование за 2.100 денари, а 3.200 денари во високото образование.
Просечната плата во здравството ја зголемивме за 4.700 денари, а во одбраната меѓу 3.000 и 6.000 денари.
Социјалните работници денес добиваат плата повисока во просек за 6.700 денари во однос на 2015 година, а платата на воспитувачките во споредба со истиот период е зголемена за скоро 5.000 денари
Во земјоделството како гранка, освен што ја изедначивме минималната плата во овој сектор како и кај сите останати, платите се зголемени за 4.600 денари.
Исправивме децениска неправда кон стечајните работници, 12.000 лица денеска добиваат месечен надоместок од 8.000 денари до нивното пензионирање, а во меѓувреме се планира и нов Закон кој ќе опфати дополнителни лица од оваа категорија на граѓани.
Ја намаливме и стапката на невработеност – во 2020 година просечната стапка на невработеност изнесува 16,4% што е сериозно намалување на стапката на невработеност во однос на 2017 година.
Во овие години планирано и посветено го интензивираме социјалниот дијалог. Остваривме отворен дијалог со синдикатите и сега претставниците на работниците дискутираат со Владата и ресорните министерства на начин кој што е инклузивен и достапен за сите.
Во тек е отворен и инклузивен процес на креирање на текстот за предлог-Законот за работните односи.
Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија стана вистински и искрен партнер на работниците, синдикатите и работодавачите во нашата држава.
Силно сме мотивирани за реализација на даденото ветување недела да биде неработен ден за сите оние работници и работнички кои работат во компании кои можат да го прекинат својот технолошко-производствениот процес.
Недела не само што ќе биде неработен ден за повеќето работници, туку и оние кои ќе работат во недела поради неможноста да се прекинат технолошко-производствените процеси и услуги ќе добијат гарантирано зголемена дневница – нешто што претходно ретко се случувало.
Почитувани,
Владата, институциите предводени од СДСМ продолжуваат со реализација на мерките и политиките што обезбедуваат раст на платите, отворање нови работни места и унапредување на работничките права.
Нека ни е честит Денот на трудот!