Германија работи да обезбеди … Македонија и Албанија да не се одвојуваат, туку да започнат преговори за членство во ЕУ, како две земји во пакет, како што и досега беа третирани. Вака германскиот шеф на дипломатијата Хаико Мас ја исклучи можноста за почеток на преговори меѓу ЕУ и Албанија, но без Македонија, која е блокирана од Бугарија. За време на неговата посета на Берлин, министерот за надворешни работи Османи изрази оптимизам дека двете земји ќе започнат преговори за време на самитите на Унијата летово.
Вакви дискусии имаше во минатото. Ништо не се смени за … Македонија и Албанија да продолжат да бидат опфатени во пакетот. Германската влада беше многу посветена на ова за време на нејзиното претседателство со ЕУ. Сега го поддржува португалското претседателство за билатералните прашања да можат да се решаваат што е можно побрзо и на тој начин да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија и Албанија – изјави Хајко Мас, министер за надворешни работи на Германија.
…Македонија ги исполни сите критериуми, во домашното има вградено 45% од европското законодавство, 95% од нашата надворешна политика е усогласена со заедничката безбедносна политика, ги исполнивме економските и политичките критериуми за членство. Затоа, не гледаме причина зошто … Македонија да заостанува во овој процес – рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Османи потврди дека Скопје и Софија го усогласиле Акциониот план и оти Скопје е спремно за суштински преговори. Од друга страна, Мас охрабрува билатерални преговори, но ја исклучи можноста Берлин да посредува ако двете страни не го побараат тоа.
Ние веќе го оформивме Акцискиот план за проширување на соработката меѓу двете земји во повеќе области. Подготвени сме да влеземе во суштински разговори за надминување на разликите што ја оптоваруваат нашата доверба – изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Главно останува овие прашања да се решат на билатерално ниво. Самите професионални историчари треба да ги водат своите комитети без надворешен притисок – рече Хајко Мас, министер за надворешни работи на Германија.