Израелската полиција се судри со Палестинците синоќа пред стариот град во Ерусалим, а претходно спречи автобуси со муслимански верници кои се движеа кон тој град.
Судирите избувнаа пред џамијата Ал Акса, каде што се собраа околу 90.000 Палестинци, а во источен Ерусалим полицијата употреби шок-бомби.
Според палестинскиот Црвен крст, најмалку 53 лица се повредени, а израелската полиција наведува дека е повреден и еден полицаец.
Новите судири се случуваат еден ден по насилството во кое, според палестинските медицински служби, повеќе од 200 Палестинци биле повредени во близина на џамијата Ал Акса и другите локации во Ерусалим. Повредени се и 18 полицајци.
Додека полицијата вели дека нивните активности биле поттикнати од безбедносни причини, муслиманите ги сметаат за провокации и го обвинуваат Израел за попречување на верската слобода.